Боливудските ѕвезди на мета на пукотници и изнуди – повторно се разбудија старите стравови од подземјето во Мумбај

Точка

03/11/2026

21:40

493

Големина на фонт

а а а

Боливудските ѕвезди повторно се на мета на пукотници, закани и изнуди. Зад дел од нападите наводно стои бандата на Лоренс Бишнои, со која се управува од затвор. Дали се враќа времето кога подземјето ја контролираше филмската индустрија?

„Во целата филмска индустрија, секој што работи без договор со нас или соработува со Салман Кан ќе биде убиен.“

Ова предупредување пристигнало во аудиопорака што во средината на октомври ја испратиле наводните напаѓачи на индискиот актер Тајгер Шроф во Мумбај, преземајќи ја одговорноста за пукотницата.

Наводните сторители тврделе дека се поврзани со Лоренс Бишнои, некогашен студентски политичар кој станал гангстер, а се наоѓа во затвор од 2014 година. Полицијата досега не ја потврдила вмешаноста на неговата група.

Истрелите кон Шроф, при кои бил повреден неговиот возач, се само последни во низата напади насочени кон истакнати личности од филмската индустрија со седиште во Мумбај, позната како Боливуд.

Од 2022 година вооружени напаѓачи пукале кон станот на актерот Салман Кан и куќата на режисерот Рохит Шети во Мумбај, како и кон семејната куќа на актерката Диша Патани во северна Индија. Актерот Ранвир Синг наводно исто така добил барање да плати речиси 980.000 евра.

Нападите се прошириле и на другиот крај од светот. Кафуле во Сари, Канада, во сопственост на комичарот Капил Шарма, било мета на дури три напади.

За индустријата што некогаш живееше во сенката на организираниот криминал, овие напади ги разбудија старите стравови и потсетија на криминалните босови од деведесеттите години. Но експертите тврдат дека денешната закана за Боливуд изгледа значително поинаку отколку пред триесет години.

Кога подземјето владееше со Боливуд

Во деведесеттите години подземјето во Мумбај било длабоко испреплетено со филмската индустрија во Индија.

„Мафијата отсекогаш била фасцинирана од филмската индустрија“, вели С. Хусеин Заиди, новинар специјализиран за криминал и автор на книгата „Од Донгри до Дубаи: Шест децении на мафијата во Мумбај“, кој повеќе од три децении го следи организираниот криминал во тој град.

Гангстерите како Давуд Ибрахим, Абу Салем и Чота Шакил, вели тој за „Deutsche Welle“, биле „целосно опседнати“ со Боливуд, слично како што мафијашите настојувале да стекнат упориште во Холивуд.

Филмовите на криминалците им носеле сјај и гламур, но и можност за перење пари. Вложувале во филмски проекти „за да можат да ја контролираат индустријата и да имаат легален начин да заработуваат пари“, додава Заиди.

Кога продуцентите не сакале да соработуваат, последиците можеле да бидат смртоносни. Музичкиот могул Гулшан Кумар, основач на дискографската куќа „T-Series“, бил убиен во 1997 година. Три години подоцна режисерот Ракеш Рошан, татко на боливудската ѕвезда Хритик Рошан, бил ранет во пукотница.

Улиците на Мумбај биле „црвени од крв“ во 1998 година, вели Заиди, опишувајќи ја таа година како врв на пресметките меѓу гангстерските групи.


Д. Сиванандан, поранешен началник на полицијата во Мумбај кој ја предводел пресметката со подземјето, тврди дека само во 1998 година бил убиен 101 претприемач, односно по еден „секој трет ден“, главно поради неплатен рекет.

Полициските активности дополнително ги зајакнал строгиот закон против организираниот криминал донесен во 1999 година, кој Сиванандан го нарекува „крајното оружје“. Безбедносните служби користеле електронски надзор и превентивно притворање и заплениле околу 2.500 парчиња нелегално оружје.

„Се случија и неколку полициски престрелки со криминалци, но тоа не беше ниту политика ниту стратегија“, вели за „Deutsche Welle“.

На почетокот на двеилјадитите моќта на бандите била скршена и се чинело дека се раѓа нов Мумбај.


Банда со која се управува од затворска ќелија

Човекот за кого се верува дека стои зад последниот бран напади не е од Мумбај.

Триесет и тригодишниот Бишнои потекнува од земјопоседничко семејство од северната сојузна држава Пенџаб. Студирал во Чандигар кога го привлекла насилната студентска политика. По апсењето завршил во затвор и постепено се свртел кон криминалот, тврди новинарот Џупиндерџит Синг, автор на книгата „Бандите на Пенџаб“.

„Во затворот се запиша на своевиден универзитет за криминал“, вели Синг за „Deutsche Welle“.

Бишнои потоа го изградил она што Синг го опишува како еден од првите криминални синдикати што дејствува во повеќе сојузни држави во северна Индија. Истражителите тврдат дека и натаму ги води операциите од затвор, користејќи скриени телефони и апликации за размена на пораки.

Криминалната мрежа на Лоренс Бишнои се протега и надвор од границите на Индија.


Моментално се наоѓа во затвор во Гуџарат, родната сојузна држава на индискиот премиер Нарендра Моди.

Неговата мрежа се протега и надвор од границите на Индија. Во септември 2025 година Канада ја прогласи групата на Бишнои за терористичка организација. Во септември ФБИ го стави Сатиндерџит Синг, попознат како Голди Брар, на листата на десетте најбарани бегалци и понуди награда до еден милион долари за информации што би довеле до негово апсење.

Американските обвинители го опишале како наводен водач на организацијата на Бишнои во Северна Америка.

Иако Бишнои потекнува од имотно земјопоседничко семејство, неговите извршители главно доаѓаат од посиромашните слоеви на општеството. Бандата најчесто ги регрутира преку интернет.

„Има многу млади луѓе што сакаат нешто да постигнат … едноставно ги привлекува митот создаден околу Лоренс Бишнои“, објаснува Синг. „Регрутирањето воопшто не е проблем. Нудат пари, заштита и оружје.“


Зошто филмските ѕвезди се мета?

Се чини дека за Бишнои целата приказна е од лична природа.

Во 1998 година Салман Кан бил обвинет за убивање црна антилопа, животно што заедницата на Бишнои го смета за свето. Бишнои се заколнал на одмазда, а многу напади биле насочени кон лица блиски до актерот, вклучувајќи го и убиството на политичарот Баба Сидики во 2024 година, кое полицијата го поврзува со таа банда.

Синг смета дека станува збор и за обид да се стекне општествен легитимитет. Криминалците, вели тој, „секогаш се обидуваат да најдат нешто што ги претставува како морални чувари“, а токму овој случај му дал на Бишнои „можност за искупување“.

Но важна улога имаат и парите и заплашувањето.

„Боливуд располага со огромни количества пари“, вели Синг, истакнувајќи дека претходната генерација гангстери повеќе не е во позиција да го искористи тоа.

„По заминувањето на Давуд Ибрахим и нему сличните се создаде вакуум што Лоренс Бишнои се обидува да го искористи.“

Сиванандан објаснува дека старите банди во Мумбај управувале со цела низа нелегални бизниси, од шверц и рекетирање до местење крикет-натпревари. Нивните припадници биле „локални момци“, додека групата на Бишнои „нема никаква врска со Мумбај“. Боливуд им е интересен затоа што станува збор за индустрија што „плива во пари“ и претставува „лесна мета“.


„Го користат Боливуд како банкомат“, вели за „Deutsche Welle“. „Ја внесувате картичката и подигате пари.“

Заиди, пак, смета дека нападите првенствено служат за публицитет.

„Тоа е начин да се стигне до насловните страници“, вели за „Deutsche Welle“. Само неколку часа по последниот напад врз Шроф, некој на социјалните мрежи тврдел дека бил мета затоа што е близок со Салман Кан, што Заиди го нарекува „целосно нелогично и апсурдно“.

Сепак, публицитетот им е корисен на бандите што живеат од изнуда.

„Основата на секоја изнуда е создавањето страв“, вели експерт за безбедност задолжен за заштита на неколку боливудски ѕвезди, кој поради чувствителноста на темата сакал да остане анонимен.


Дали Боливуд е под опсада?

И покрај сè, експертите сметаат дека е тешко сегашното насилство да се споредува со криминалниот бран од деведесеттите години.

„Не би зборувал за враќање, бидејќи тоа би било претерување“, вели Заиди. Во деведесеттите неколку ривалски банди воделе битка за контрола над Мумбај. Денес, освен групата на Бишнои, другите банди не се сметаат за активни во овој град.

Исто така, филмската индустрија повеќе не плаќа рекет како некогаш, бидејќи преминот кон дигитални плаќања го отежнал прикривањето големи готовински трансакции, додава тој.

Сиванандан не се согласува со тоа. Пукањето кон ѕидови и влезни врати, по кое следуваат брзи објави на социјалните мрежи, „е насочено исклучиво кон собирање пари од изнуди“, тврди тој. Според него, „Боливуд, преполн со готовина, сигурно плаќа доволно за да може да се финансира цела војска луѓе“.

Како и да е, стравот е реален.


И иако насилството не е толку распространето како некогаш, стотици илјади луѓе зависат од филмската индустрија во Мумбај.

„Ако продолжи стравот од подземјето, водечките имиња би можеле да бидат принудени да го напуштат Мумбај“, напиша претседателот на Сеиндиското здружение на филмски работници („AICWA“), Суреш Шјамлал Гупта, во писмо до министерот за внатрешни работи Амит Шах.

„Нема да дозволиме Мумбај да се врати во деновите на подземјето од деведесеттите години, ниту Боливуд да работи во сенката на стравот“, порача Гупта.

Со оглед на тоа што, како што се чини, полицијата и обвинителствата се во дефанзива, криминалните групи веројатно ќе ја продолжат својата кампања.

Неколку боливудски ѕвезди веќе дополнително ги засилија безбедносните мерки.