Во фосил од диносаурус откриени траги од црвени крвни зрнца

Точка

03/11/2026

11:06

465

Големина на фонт

а а а

Научниците во Бразил откриле нешто што го сметаат за најсилен досега пронајден доказ за постоење крвни клетки во фосил од диносаурус, пренесе „Ројтерс“.

Како што се наведува, доказот бил пронајден во коска од десната нога на месојад со средна големина, кој пред околу 115 милиони години, во периодот креда, талкал низ територијата на денешен Бразил.


Истражувачите во коската на диносаурусот од видот „Аратасаурус“ идентификувале бројни микроскопски структури кои изгледаат како фосилизирани црвени крвни зрнца. Тие откриле и хемиски траги од клучна компонента на овие клетки – биомолекула што содржи железо, позната како хем, која е поврзана со хемоглобинот, протеин кој ѝ ја дава црвената боја на крвта.

„Аратасаурус“ кој се движел на две нозе, бил долг околу 3,1 метар.

„Не пронајдовме шишенце со крв од диносаурус. Она што го гледаме е минерално и молекуларно ехо на древната биологија, што од научна гледна точка е далеку поинтересно“, изјавила геохемичарката и главна авторка на студијата, Клити Грејс, од Универзитетот Кертин во Перт, Австралија.


Таа додала дека најмногу ја изненадило тоа што, по толку долг геолошки период, сè уште можат да се видат овие структури, заедно со хемиските докази за нивното биолошко потекло.

Фосилот на „Аратасаурус“ бил откриен во рудник за гипс во сојузната држава Сеара, во североисточен Бразил, изјавил палеонтологот и коавтор на студијата, Александер Келнер, од Националниот музеј на Бразил.

Фото: Ројтерс