ВМРО-ДПМНЕ го обвини коалицискиот партнер ВРЕДИ дека бил „тројански коњ“ за ДУИ во Брвеница, ВРЕДИ, пак, вели: Никој не е сопственик на гласовите

Макфакс

02/11/2026

13:20

301

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ го обвинува својот коалициски партнер ВРЕДИ дека работел во корист на ДУИ на локалните избори во Брвеница, додека од ВРЕДИ одговараат дека гласовите припаѓаат на граѓаните и дека не треба да се контролираат од политички партии. Во објавите се истакнува важноста на граѓанскиот модел и опасностите од етничка поларизација.

ВМРО-ДПМНЕ го впери прстот кон својот коалиционен партнер ВРЕДИ по изборниот пораз во Брвеница, обвинувајќи го дека дејствувал во корист на ДУИ. Од ВРЕДИ, пак, децидни се дека ниту една политичка партија не може да ги контролира гласовите на граѓаните и дека нивната волја мора да се почитува.

Обвинувања кон ВРЕДИ

Во соопштението по вториот круг од предвремените локални избори, ВМРО-ДПМНЕ го обвини ВРЕДИ дека не успеал да се издигне над етничките поделби и дека, наместо да се разликува од ДУИ, одиграл улога на „тројански коњ“.

„ДУИ, СДС, Левица, за жал, и ВРЕДИ како тројански коњ од една страна, а ВМРО-ДПМНЕ од другата страна. Ние сами против сите“, се наведува во соопштението.

Од партијата изразија жалење што нивниот коалициски партнер, како што велат, ја пропуштил можноста да покаже дека е поразличен од ДУИ и да се издигне над етничкиот национализам.

Настапот на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека на изборите настапила со програма за развој на општината, додека противниците повикувале на етничко гласање. Оттаму посочуваат дека нивниот кандидат Стојанчо Радичевски освоил околу 4.200 гласа во вториот круг, наспроти 3.000 во првиот, но тоа не било доволно за победа.

Одговорот на ВРЕДИ

Од ВРЕДИ, пак, во својата објава нагласија дека изборите во Брвеница се одржале во слободен и демократски процес, без инциденти и прекршување на изборните правила.

„Ниту една политичка партија не ги контролира гласовите и не може да тврди дека тие ѝ припаѓаат. Гласовите им припаѓаат на граѓаните, кои се слободни да одлучат кому ќе му ја дадат својата поддршка“, порачаа од ВРЕДИ.

Погледот кон граѓанскиот модел

Од коалицијата оценија дека изборите во Брвеница покажале оти државата има уште многу работа во изградбата на сеопфатен граѓански модел.

„Граѓански модел не може да се гради со повикување на етничко гласање заедно со СДСМ и Левица. Затоа што таму каде што е Левица, таму не се Албанците“, се наведува во објавата на ВРЕДИ.

Оттаму предупредија дека во етнички разновидните општества секоја акција предизвикува реакција и дека таквиот пристап може да доведе до дополнителна поларизација, продлабочување на етничките поделби и назадување наместо напредок.