Турција им забрани пристап до социјалните мрежи на деца помлади од 15 години

Макфакс

01/11/2026

14:30

183

Големина на фонт

а а а

Во Турција стапи на сила забраната за пристап до социјалните мрежи за деца помлади од 15 години. Проверката на возраста на постојните кориснички сметки ќе продолжи до 31 март 2027 година, а во текот на преодниот период платформите постепено ќе ги затвораат профилите на децата.

Турција во средината на октомври им забрани на давателите на услуги на социјалните мрежи да нудат услуги на малолетници помлади од 15 години, согласно новите прописи на Дирекцијата за сајбер-безбедност.

Во уредбата се наведува дека давателите на услуги „не можат да им нудат услуги на деца кои немаат наполнето 15 години“.

Покрај тоа, платформите мора да понудат различни видови услуги и да ги преземат неопходните мерки за заштита на корисниците постари од 15 години. Проверката на возраста треба да даде приоритет на заштитата на личните податоци, со примена на методи што утврдуваат дали корисникот го исполнува возрасниот услов, без да го откриваат неговиот идентитет.


За да пристапат до социјалните мрежи, корисниците ќе мора да ја потврдат својата возраст преку владината платформа за електронски услуги е-Девлет. По проверката, ќе добијат дигитален токен со информации за нивната возраст.

На лицата помлади од 15 години ќе им биде одбиен пристапот, додека тинејџерите на возраст од 15 до 18 години ќе можат да ги користат социјалните мрежи, но со одредени ограничувања.

Размената на пораки ќе биде можна само со профилите на пријателите, преносите во живо ќе бидат забранети, а корисниците нема да гледаат реклами наменети за возрасни.