Италија ја обвини Германија за одложување на полнењето на гасните складишта, што според Италија довело до значителен раст на цените на гасот во Европа, со предупредување дека цените можат дополнително да пораснат доколку јануари биде студен.
Германија ја изневерила Европа бидејќи предолго го одложувала полнењето на складиштата за гас, изјави Алесандро Ноче, висок функционер во италијанското Министерство за енергетика. Според него, Берлин придонел за растот на цените на гасот настојувајќи да ги намали трошоците на државните енергетски компании пред нивната приватизација, пренесува Ројтерс.
Цената на гасот за испорака во декември денеска на холандската берза ТТФ достигна 103,43 евра за мегават-час, што е највисоко ниво од средината на декември 2022 година. Во однос на вчера, гасот поскапел за 5,6 отсто.
Ноче, кој говореше на енергетска конференција во Милано, изјави дека Италија потрошила 300 милиони евра за полнење на складиштата пред зимата, додека Германија го одложувала полнењето поради плановите за приватизација на енергетските компании „Унипер“ и „СЕФЕ“.
„Двојно сме погодени. Плативме 300 милиони евра за полнење на складиштата, а сега плаќаме повеќе за гас затоа што Германците го купуваат“, изјави Ноче.
Според објавените податоци, германските складишта се пополнети 61,7 отсто, италијанските речиси 91 отсто, а просекот во Европската Унија изнесува околу 75 отсто.
Германското Министерство за економија соопшти дека снабдувањето со гас во текот на зимата е сигурно и дека не се очекува недостиг, иако резервите се значително под законски утврдените цели за 1 ноември.
Ноче предупреди дека доколку јануари биде студен, цената на гасот може да достигне од 150 до 180 евра за мегават-час.
„Сè зависи од времето. Мора да се надеваме дека јануари ќе биде топол“, изјави тој.








