Во реакција на обвинувањата дека студентскиот дом „Стив Наумов“ се распаѓа, од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека студентските домови биле запоставени во времето на владеењето на СДС и најавуваат конкретен предлог за зголемување на студентскиот оброк на 4.500 денари, како и инвестирање во подобрување на условите во домови и кампуси.
СДС повторно се обидува да собира политички поени на грбот на студентите, заборавајќи дека токму во времето на нивното владеење студентските домови со години беа запоставени, без соодветни инвестиции и без сериозен пристап кон решавање на проблемите, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата дека студентскиот дом „Стив Наумов“ се распаѓа.
Предлог за зголемување на студентскиот оброк
„Денес, кога конечно се преземаат конкретни чекори за реконструкција на студентските домови и подобрување на студентскиот стандард, СДС се обидува да создаде политичка драма. Наместо да ги поздрават инвестициите, тие продолжуваат со старата практика, критики без одговорност и политички маркетинг без резултати. Но, фактите зборуваат поинаку. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари директна средба со претставниците на студентските парламенти од сите универзитети во државата, со цел отворено да се разговара за реалните проблеми и потребите на академската заедница. Притоа, на маса е и конкретен предлог за унапредување на студентскиот оброк, наместо сегашните 3.500 денари, неговата вредност да се зголеми на 4.500 денари преку дигитална апликација М-услуги, односно со додавање на М-Студентски оброк, со дополнителни попусти од 20 до 25 проценти во ресторани, маркети и други угостителски објекти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ,
Инвестиции во студентските домови
Од партијата потсетија дека беше пуштен во употреба студентскиот дом „Стив Наумов“ со капацитет за 1150 студенти со услови по европски стандарди и велат дека до крајот на годината ќе се пушти во употреба и вториот студентски дом „Кузман Јосифовски-Питу“ кој е во фаза на реконструкција.
Подобрување на условите и стандардот
„Исто така се гради кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“ и се работи на подобрување на условите за студентите. Исто така со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ студентскиот стандард во 2026 година е двојно подобрен во однос на 2022 година. Разликата е очигледна, СДС со години ги оставаше проблемите нерешени, само ветуваа студентски градови и ништо не реализираа, а ВМРО-ДПМНЕ презема иницијатива, отвора дијалог и предлага нови решенија. На СДС му пречи што студентскиот стандард конечно станува приоритет, но студентите не живеат од нивните прес-конференции и политички конструкции. Студентите сакаат резултати, инвестиции и подобри услови, а токму тоа го овозможува Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во реакцијата.












