Искра Хаџи-Василева е новиот раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Таа освои најмногу гласови од своите колеги, а на денешните избори право на глас имаа вкупно 187 јавни обвинители од целата држава.
Таа до неодамна беше дел од скопското обвинителство, но од 2024 година се приклучи во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Досега има работено на доста значајни предмети, но еден од последните по кои ја препознава јавноста е случајот со 350.000 илјади евра заѕидани пари на судијата Ѓоко Ристов.
Во фокусот на нејзината програма беа побрзо и поефикасно постапување, финансиските истраги и одземањето имот стекнат на незаконски начин.

Хаџи-Василева предвидува подобро користење на истражниот центар, јакнење на кадровските и техничките капацитети и поголема транспарентност во работата на обвинителството.
Нејзиниот пристап е насочен кон предмети што имаат пошироко значење за јавноста и кон подобрување на довербата во институцијата.
Таа ќе ја преземе функцијата во период кога од ОЈО ГОКК се очекуваат конкретни резултати во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Покрај Хаџи Василева, во трката за раководната функција учествуваа и Фатон Азизи од ОЈО ГОКК, Трајче Пеливанов и Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје, како и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје.
Изборот се спроведува поради истекот на мандатот на досегашниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој беше избран во 2022 година.








