Четири лица се уапсени во врска со двата случаи на насилна смрт што се случија во скопската општина Ѓорче Петров. МВР потврди дека се работи за разбојништва со последица смрт, а осомничените се задржани за понатамошна истрага и кривична постапка.
Четири лица се уапсени во врска со двата случаи во кои 62-годишен маж и 76-годишна жена беа пронајдени мртви со траги од насилство во своите домови во Скопје, на 22 и 27 октомври. Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека осомничените се поврзуваат со двете кривични дела, кои сега се квалификувани како „разбојништво со последица смрт“.
Од СВР Скопје информираат дека вчера (27 октомври) од слобода биле лишени А. С. (22), Х. Е. (20) и К. А. (58), сите од Скопје, како и М. Р. (26) од Струмица.
Четворицата се сомничат за две кривични дела „разбојништво“ со последица смрт, според член 237 став 5 од Кривичниот законик.
„Во координација и по издадени наредби од ОЈО Скопје, а со цел комплетирање на целокупниот доказен материјал за понатамошна постапка, за лицата е побаран краткотраен притвор согласно член 170 вв член 165 од Законот за кривична постапка, по што ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“, соопштија од МВР.
Апсењата следуваат по двата случаи во кои лица беа пронајдени починати во своите домови, со видливи траги од насилство.
Случај во Ѓорче Петров
Вчера, на 27 октомври, 76-годишна жена беше пронајдена мртва во куќа на улицата „Ѓурчин Кокале“ во Ѓорче Петров. Случајот во 9:18 часот го пријавила нејзината ќерка, која ја затекнала мајка си без знаци на живот.
Од Итната медицинска помош била констатирана смрт со видливи траги од насилство, а по наредба на јавен обвинител телото било предадено на обдукција.
Претходен случај
Пет дена претходно, на 22 октомври, 62-годишен маж беше пронајден починат во својот дом на подрачјето на Ѓорче Петров, исто така со траги од насилство. И во овој случај телото било предадено на обдукција.












