Дејанчо Цветановски од ЛДП ја критикува Владата за зголемување на администрацијата во време кога граѓаните се соочуваат со економски тешкотии, повикувајќи на повеќе дигитализација и поефикасни институции наместо зголемување на бирократијата и партиските вработувања.
Крајно е неприфатливо Владата да отвора пат за ново зголемување на администрацијата додека граѓаните едвај го преживуваат месецот, бројат денари за храна и сметки и се прашуваат како да ги прехранат своите семејства, вели Дејанчо Цветановски член на ИО на ЛДП.
Според него, наместо да инвестира во дигитализација, вештачка интелигенција и поефикасни институции, власта ризикува да создаде уште поскап систем што повторно ќе го плаќаат граѓаните. „Народот го стега ременот, а властa ги стега редовите на партиската машинерија! Ова ли е нивната визија за модерна Македонија? Поголеми трошоци, повеќе бирократија и институции во кои партиските интереси ќе бидат поважни од стручноста и квалификациите?
Ова опасно потсетува на времето на Груевски, кога јавната администрација се претвораше во партиски плен, а граѓаните ја плаќаа цената на политичките пресметки. Не смееме повторно да дозволиме државата да се претвори во сервис за партиите на власт“.
Секој човек што чесно работи, подвлекува Цветановски, заслужува сигурност, достоинство и соодветна заштита.
Но, тоа, како што оценува, не смее да биде изговор за заобиколување на критериумите, занемарување на квалификациите и создавање дополнителен товар врз јавните финансии.
„Потребни се транспарентни постапки, професионална администрација и еднакви можности за сите, а не решенија што отвораат сомнежи за партиски вработувања“, посочува членот на Извршниот одбор на Либерално-демократската партија (ЛДП), Дејанчо Цветановски.
И кога сето ова се случува во време на сериозни економски притисоци врз семејниот буџет, неизбежно се поставува прашањето: дали Владата ги решава проблемите на граѓаните или си ја подготвува партиската инфраструктура за следните избори?
Време е да кажеме СТОП на политиките што ја прават државата поскапа, а животот на граѓаните потежок! Македонија има потреба од помалку бирократија, повеќе дигитализација, стручни кадри и функционални институции, не од нови партиски апетити на сметка на народот.
Доста народот плаќаше, а партиите профитираа – државата не е партиски плен, а јавните пари не се изборен фонд на власта“.












