Дурмиши: Вложувањето во здрави и безбедни работни места е инвестиција, а не трошок

Макфакс

28/10/2026

12:25

217

Големина на фонт

а а а

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека вложувањето во здрави и безбедни работни места претставува долгогодишна инвестиција, а не трошок. Тој нагласи дека безбедноста и здравјето при работа се основно право и приоритет и порача дека соработка меѓу институции и компании е клучна за подобрување на условите на труд.

Безбедноста и здравјето при работа се основно право на секој работник, а создавањето безбедна, здрава и достоинствена работна средина останува еден од приоритетите на Министерството за економија и труд. Ова го истакна министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на денешниот настан по повод одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа, на кој се доделуваат и Националните награди за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа.

Значење на безбедноста при работа

„Безбедноста и здравјето при работа не се само законска обврска или исполнување на пропишани стандарди. Тие се основно право на секој работник, прашање на човечко достоинство и заедничка одговорност. Нашата цел е јасна – секој работник да има безбедна работна средина, да биде заштитен од ризици и по завршувањето на работниот ден да се врати дома здрав и безбеден“, истакна министерот Дурмиши.

Предизвици и нови ризици

Во своето обраќање министерот посочи дека брзиот технолошки развој, дигитализацијата и новите начини на организација на работата, покрај можностите за поголема продуктивност и економски раст, носат и нови предизвици за заштитата на работниците. Особено внимание, како што нагласи, мора да се посвети на психосоцијалните ризици, стресот и влијанието на современите работни процеси врз менталното здравје на вработените.

Приоритети и стратегии

„Наш приоритет е континуирано унапредување на законската рамка, зајакнување на превенцијата и создавање услови во кои економскиот и технолошкиот напредок ќе бидат проследени со повисоки стандарди за заштита на работниците. Градиме пазар на труд во кој безбедноста и здравјето не се дополнителна обврска, туку составен дел од секој работен процес“, нагласи Дурмиши.

Заедничка одговорност

Министерот ја потенцираше и заедничката одговорност на институциите, работодавачите, синдикатите, инспекциските служби и самите работници во воспоставувањето култура на превенција, при што особено ја истакна улогата на компаниите.

„Вложувањето во безбедни и здрави работни услови не треба да се гледа како трошок, туку како долгорочна инвестиција во луѓето, во продуктивноста на компаниите и во конкурентноста на нашата економија. Само здрав и заштитен работник може целосно да го реализира својот потенцијал, а компаниите што се грижат за своите вработени создаваат основа за одржлив развој“, порача министерот.

Активности и признанија

Во рамки на настанот, посебно внимание беше посветено на компаниите кои со своите практики придонесуваат за унапредување на стандардите за безбедност и здравје при работа.

Дурмиши изрази задоволство од интересот на компаниите кои и оваа година се пријавија за Националната награда за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа, нагласувајќи дека нивната посветеност треба да биде поттик и пример за останатите работодавачи.

Тој упати честитки до наградените компании и благодарност до Советот за безбедност и здравје при работа, социјалните партнери и сите чинители кои придонесуваат за подобрување на условите за работа.

Континуирани напори

Министерството за економија и труд ќе продолжи со активности насочени кон унапредување на регулативата, подигнување на јавната свест, зајакнување на превентивните мерки и соработката со социјалните партнери, со цел обезбедување повисоко ниво на заштита на работниците.

„Нашата заедничка цел не е само исполнување на законските обврски, туку создавање работна средина во која секој човек ќе се чувствува сигурно, заштитено и почитувано. Економскиот развој има вистинска вредност само кога оди заедно со заштитата на здравјето, безбедноста и достоинството на работниците“, заклучи министерот Дурмиши.