Објекти заведени со вредност од еден денар и нецелосни пописи во Министерството за дигитална трансформација, оттаму тврдат дека проблемите се наследени

Макфакс

27/10/2026

14:10

293

Големина на фонт

а а а

Министерството за дигитална трансформација истакнува дека голем дел од проблемите откриени во ревизорскиот извештај се наследени од поранешното Министерство за информатичко општество. Тие наведуваат дека се преземаат мерки за корекција и подобрување на евиденциите и внатрешните контроли во институцијата.

Најголем дел од проблемите што ги констатира Државниот завод за ревизија во Министерството за дигитална трансформација се наследени од поранешното Министерство за информатичко општество и администрација, а некои од нив се стари повеќе од една деценија, соопштија од кабинетот на министерот Стефан Андоновски. Оттаму наведуваат дека дел од забелешките веќе се надминати, додека за останатите се преземаат корективни мерки.

Реакцијата следува по објавувањето на конечниот ревизорски извештај, во кој се констатирани нецелосни пописи, недвижен имот со книговодствена вредност од над 140 милиони денари без документација за идентификација на објектите, исплати за набавки без спроведена постапка за јавна набавка и недостиг од функционална внатрешна ревизија. За финансиските извештаи на основниот буџет ревизорите се воздржале од изразување мислење поради недостиг од доволни и соодветни ревизорски докази, додека за усогласеноста со законските прописи дале мислење со резерва.

Од Министерството посочуваат дека со формирањето на новата институција во 2024 година наследиле нецелосни евиденции, нерешени имотно-правни прашања, судски постапки и административни пропусти.

„Особено е важно да се нагласи дека целосен и суштински попис на имотот не бил спроведуван во изминатите десет години, што довело до сериозни неусогласености меѓу фактичката состојба, сметководствената евиденција и расположливата документација“, се наведува во реакцијата.

Во однос на 13-те објекти евидентирани со вредност од по еден денар, од Министерството објаснуваат дека станува збор за наследена и неуредна евиденција, а не за нивната реална пазарна вредност.

Оттаму тврдат дека веќе се преземаат активности за расчистување на имотната состојба, усогласување на евиденциите и обезбедување на потребната документација.

Во однос на забелешките за јавните набавки, финансиската евиденција и внатрешните контроли, од Министерството наведуваат дека веќе доставиле одговор до Државниот завод за ревизија, во кој посочиле дека станува збор за исплати за набавки на други институции, каде што Министерството е корисник, меѓу кои чистење и обезбедување објекти, службени патувања и телефонија.

Во ревизорскиот извештај, пак, е наведено дека во 2024 година биле исплатени 2,73 милиони денари за стоки и услуги без спроведена постапка за јавна набавка, што ревизорите го оцениле како неусогласеност со Законот за јавните набавки.

Министерството се осврна и на наследените судски постапки, посочувајќи дека тие произлегуваат од одлуки и обврски создадени во претходните години и дека се разгледуваат поединечно, во соработка со надлежните институции, со цел законито разрешување и минимизирање на финансиските последици врз државниот буџет.

Како дополнителен предизвик го наведуваат недостигот од стручен кадар, особено поради разликата во платите меѓу државниот и приватниот ИТ-сектор. Зајакнувањето на административните и стручните капацитети, како што посочуваат, останува еден од приоритетите на институцијата.

„Нашиот пристап не е проблемите да ги прикриваме или да ги оставаме на некое следно раководство. Напротив, решени сме да го расчистиме институционалното наследство, без оглед колку долго овие прашања биле занемарувани“, се наведува во соопштението.

Од Министерството додаваат дека остануваат отворени за соработка со Државниот завод за ревизија и за спроведување на неговите препораки, со цел воспоставување уредна евиденција, законито работење и одговорно управување со јавните средства.