Екипите на Комунална хигиена-Скопје целосно го расчистија просторот под Камениот мост

Макфакс

27/10/2026

09:32

300

Големина на фонт

а а а

Екипите на Комунална хигиена-Скопје ги исчистија и измија просторот под Камениот мост во Скопје, отстранувајќи големи количини на комунален отпад и заменувајќи стари контејнери, додека паралелно се одвиваат едукативни активности за правилно ракување со отпадот.

Во текот на изминатата седмица, екипите на Комунална хигиена-Скопје извршија целосно расчистување и рачно миење на целокупниот простор под Камениот мост во Скопје, извести Претпријатието.

„Во овој период беа отстранети и вкупно 905 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад – вкупно 190 кубни метри, е расчистено во општината Ѓорче Петров.

Претпријатието подигна и транспортира приближно 3000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти на територијата на градот Скопје. Воедно продолжи и замената на старите и дотраени контејнери со новите садови наменети за одлагање на комуналниот отпад, при што во моментов се заменети вкупно 700 контејнери“, велат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела изготви 25 записници за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота. Најголем број на записници – вкупно 10, беа врачени на територијата на скопската општина Чаир.

Со еко-работилници во градинката Снежана лоцирана во општината Чаир, ЈП Комунална хигиена-Скопје ги започна едукативните активности за правилно постапување со отпадот за учебната 2026/2027 година.

Во работилниците учествуваа вкупно 150 дечиња од двата објекта на градинката, коишто се запознаа како правилно да го одлагаат отпадот и да ја вршат неговата примарна селекција и како се одвива процесот на рециклирање и реупотреба на комуналниот отпад“, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.