Шведската влада ја забрани употребата на ChatGPT и Claude на службените компјутери

Макфакс

26/10/2026

18:00

199

Големина на фонт

а а а

Вработените во шведските владини служби од денеска повеќе не смеат да ги користат веб-верзиите на ChatGPT и Claude на службените компјутери, поради ризици поврзани со безбедноста на чувствителните податоци.

Одлуката следува по ревизијата на алатките за вештачка интелигенција што претходно годинава ја спровела Шведската управа за транспорт, при што биле утврдени проблематични начини на нивна употреба во државните институции.

Надлежните предупредуваат дека внесувањето чувствителни информации во овие платформи, без соодветни договори за заштита на податоците, може да доведе до нивно складирање и користење за понатамошно тренирање на моделите.

Микаел Ветеркранц, директор за дигитализација во шведските владини служби, предупредил дека користењето нерегулирани платформи може да има последици врз информациската безбедност.

Како алтернатива се препорачува „Копилот“ на „Мајкрософт“, кој поминал безбедносна проверка и е опфатен со договор за заштита на податоците со шведската влада.

Државните службеници и понатаму ќе можат да користат вештачка интелигенција, но под построг надзор. На ограничен број вработени ќе им биде дозволено да пристапуваат до ChatGPT и Claude преку посебна платформа развиена од шведските власти.

Според шведскиот јавен сервис „Сверигес радио“, слични ограничувања вовеле и Даночната управа и Националниот одбор за институционална грижа, додека Шведската управа за извршување разгледува такви мерки.

ChatGPT и Claude им се придружуваат на ограничувањата што шведските владини служби претходно ги воведоа за кинеската платформа DeepSeek. Минатата недела и САД објавија забрана за производите и услугите на оваа кинеска компанија.