Венко Филипче обвинува за коруптивна шема во енергетскиот сектор која опфаќа трговија со струја, броила и купопродажни договори, посочувајќи на деловни и политички интриги поврзани со Душан Адамовиќ и министерката Сања Божиновска.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција обвини дека во енергетскиот сектор се спроведува коруптивна шема преку трговијата со струја, броилата и купопродажните договори, во која се испреплетуваат деловни и политички интереси во спрегата Вучиќ-Мицкоски.
Филипче посочи на релациите со Руднап, Душан Адамовиќ и министерката Сања Божиновска, обвинувајќи ја власта дека ги става бизнис-интересите пред интересите на граѓаните.
Криминални бизнис-врски
„Криминалните бизнис-врски. Прво во делот на енергетиката, во којашто локален изведувач е министерката Сања Божимовска. Врските со Руднап, трговијата со струја, врските со Душан Адамовиќ“, рече Филипче.
Филипче обвини дека премиерот Христијан Мицкоски не ја објаснил својата релација со Адамовиќ, посочувајќи дека постојат фотографии од нивни средби.
Недообјаснета релација
„Човекот којшто беше поставен за почесен конзул, човекот за којшто Христијан Мицкоски не кажа никогаш, иако има средби, за коишто има и фотографии, каква е неговата релација со него. Броилата, купопродажните договори и така натаму. Сè е тоа една голема коруптивна шема со којашто се крадат парите на граѓаните, се осиромашува Македонија, сè во интерес на бизнис-интересите на оваа власт“, изјави Филипче.
Распродажба на националното богатство
Филипче нагласи дека енергетиката е дел од поширок систем на поврзани бизнис и политички интереси и ја обвини власта за неодговорно располагање со националните ресурси, посочувајќи дека се распродава националното богатство.
„Се распродава националното богатство. Кај нас Христијан Мицкоски прави сублимацијата на сите неправилни работи коишто се случуваат во регионот. Ги спомнавме криминалот и корупцијата, притисокот на медиумите, делењето на опозицијата, бизнисите коишто ги има и ги распродава националните богатства, распродавајќи ја водата за дата-центри и земјата за рудници. Нема да му помине. Не само што ќе има одговорност, ќе вратат пари. Сите, до последен денар, коишто го украле од Буџетот, од иднината на децата и на граѓаните, да знаат дека ќе ги вратат“, порача Филипче.











