Голем број Срби од Косово утрово тргнаа кон Србија за да гласаат, километарски колони на премините

Макфакс

25/10/2026

08:50

337

Големина на фонт

а а а

Голем број Срби од Косово рано утрово тргнаа кон Србија за да го остварат своето право на глас на предвремените парламентарни избори, со создавање километарски колони на граничните премини поради забраната да гласаат во местата каде што живеат.

Голем број Срби од Косово рано утрово тргнаа кон Србија за да го остварат своето право на глас на предвремените парламентарни избори, бидејќи не можат да гласаат во местата во кои живеат.

Со автобуси и приватни автомобили кон Србија се упатиле жители на Лепосавиќ, Звечан, Северна Митровица и Зубин Поток, но и Срби од средините јужно од реката Ибар, меѓу кои Грачаница, Штрпце и Косовско Поморавје, пренесува телевизијата „Мост“.

Големи гужви се создадоа на административните премини Јариње и Брњак, од каде што голем број граѓани се упатуваат кон Србија. Според медиумските извештаи, чекањето за преминување на границата трае повеќе од еден час, а дел од граѓаните ја минуваат пеш.

Србите кои утрово тргнале на гласање изјавиле дека не им претставува проблем да поминат десетици, па дури и повеќе од 100 километри за да го остварат своето избирачко право. Тие нагласиле дека во актуелниот момент е важно да се зачуваат мирот, стабилноста и економскиот напредок, повикувајќи на единство.

Гужви се забележани и на избирачкото место во Рашка, каде што гласаат избирачи од северно Косово. Според порталот „Косово Север“, во првите половина час по отворањето на избирачките места, две жени колабирале.

Каде гласаат Србите од Косово?

Според одлуката на Републичката изборна комисија на Србија, гласачите од Косово и Метохија можат да гласаат во Врање, Куршумлија, Рашка и Тутин. За дел од нив тоа значи патување подолго од 150 километри во еден правец.

Одлуката е донесена бидејќи привремените приштински институции не им дозволуваат на овие граѓани да гласаат во местата во кои живеат.

Гласачите од општините Лепосавиќ, Звечан, Северна Митровица и Србица гласаат во Рашка, додека жителите на Зубин Поток гласаат во Тутин.

Во Тутин гласаат и Србите од метохиските општини Пеќ, Исток и Клина, како и од Призрен, Сува Река, Ораховац, Гора и Опоље.

Жителите на Косовско Поморавје, односно општините Косовска Каменица, Ново Брдо, Гњилане и Витина, гласаат во Врање.

Во Куршумлија, пак, гласаат Србите од централниот дел на Косово, меѓу кои жителите на Приштина, Грачаница, Липљан, Косово Поле, Обилиќ, Подујево, Штрпце и Урошевац.