Германската полиција приведе осомничен за пожарот во историскиот објект „Орловото гнездо“, кој бил гостинска куќа за нацистичките функционери меѓу кои и Хитлер. Пожарот предизвика реакција од над 200 пожарникари, а истрагата за причините е во тек.
Германската полиција приведе осомничен по избувнувањето пожар во историскиот објект „Орловото гнездо“ (Келштајнхаус), кој го користеле нацистички функционери, меѓу нив и диктаторот Адолф Хитлер.
Околу 200 пожарникари и припадници на итните служби во петокот се бореле со огнот во областа Берхтесгаден, во јужната германска покраина Баварија. Според полицијата, пожарот ја зафатил зградата, а снимките од метеоролошка камера покажувале дека пламените јазици сè уште беснееле во објектот во раните утрински часови во саботата.
Фотограф на агенцијата АФП јавил дека полицијата го блокирала пристапот до патот што води кон локацијата, додека на врвот паѓал снег.
Полицијата го истражува причинителот на пожарот
Полицијата соопшти дека проверува дали осомничениот, приведен во близина на местото на пожарот, е поврзан со неговото избувнување. Засега нема информации за можниот мотив.
Во инцидентот нема повредени, соопшти полицијата.
Противпожарниот аларм се активирал во петокот околу 21:50 часот по локално време, откако детекторот за чад во зградата регистрирал чад.
Кога пристигнале на местото, пожарникарите забележале пламен што високо се издигал во воздухот и утврдиле дека објектот е целосно зафатен од огнот.
Пристапот до зградата, која се наоѓа на надморска височина од 1.834 метри, како и гаснењето на пожарот, претставувале голем предизвик, изјави портпаролката на полицијата Лиза Мајер.
„Во зградата може да се влезе единствено со тешка заштитна опрема за дишење“, објасни таа.
Според германскиот весник „Билд“, полицајците при пристигнувањето на местото на настанот наишле на мотоциклист. Полицијата претходно соопшти дека набргу по избувнувањето на пожарот, вниманието на истражителите го привлекло лице што им изгледало сомнително.
Објект изграден за нацистичките функционери
„Орловото гнездо“ било изградено во 1938 година како гостинска куќа за нацистичките функционери и нивните гости. Сместено е во Алпите, на локација со панорамски поглед, одвоено од блиската летна резиденција на Хитлер, позната како Бергхоф.
Објектот денес е во сопственост на германската покраина Баварија, а по Втората светска војна бил прогласен за историски споменик што потсетува на нацистичкиот период.
Зградата, изградена од камен и гранит, била замислена да остави впечаток кај странските дипломати. Преживеала без оштетувања во текот на Втората светска војна и станала позната и преку бројни американски филмови снимени по војната.
Историскиот објект е во остар контраст со злосторствата на Третиот рајх, чии антисемитски, расистички и експанзионистички политики довеле до смрт на милиони луѓе и до Холокаустот.
Од 1952 година во зградата работи ресторан, а посетителите можат да ја разгледаат и изложбата посветена на нејзината историја. До локацијата туристите можат да стигнат исклучиво со автобус.
Криминалистичката истрага за пожарот е во тек, соопшти полицијата.
















