Брод погоден од дронови во Црното Море кај Романија, еден загинат и тројца исчезнати

Макфакс

23/10/2026

12:50

189

Големина на фонт

а а а

Трговски брод во Црното Море кај Романија беше погоден од дронови, при што еден морнар загина, а тројца се исчезнати. Романските власти спроведуваат спасувачка операција во тешки временски услови.

Еден морнар загина, а тројца се водат како исчезнати по напад со беспилотни летала врз трговски брод во Црното Море, на околу 13 наутички милји (24 километри) од романското пристаниште Констанца.

Романските власти започнаа спасувачка операција откако бродот „Хорив“, кој пловел под знамето на Коморските Острови, испратил повик за помош. На бродот имало 13 членови на екипажот, од кои десет украински и тројца азербејџански државјани.

„Спасувачките бродови успеаја да извлечат девет живи лица и едно безживотно тело“, соопшти романската поморска управа. Потрагата по тројцата исчезнати продолжува.

Според медиумските извештаи, бродот бил погоден од дронови, по што се превртел и потонал. Романските власти засега официјално не ја потврдиле причината за инцидентот.

Неповолните временски услови и слабата видливост ја отежнуваат спасувачката операција и го оневозможуваат ангажирањето хеликоптер.

Инцидентот е последен во низата напади врз трговски бродови во Црното Море, во близина на романскиот и бугарскиот брег, што предизвикува загриженост за безбедноста на поморскиот сообраќај.