Герасимовски на регионална конференција во Белград: Потребни се одржливи решенија за паркирањето

Макфакс

22/10/2026

15:20

170

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, учествуваше на регионална конференција во Белград каде што се дискутираа предизвиците и одржливите решенија за паркирањето во градовите од регионот. На настанот Општина Центар доби признание за својот придонес во развојот на паркинг индустријата.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, гостуваше на конференцијата PARkon 2026 во Белград, на која учествуваа претставници на јавните претпријатија за паркирање од регионот.

На настанот на Општина Центар – Скопје ѝ беше доделена јубилејна благодарница од Здружението на паркиралишта на Србија за исклучителен придонес, долгогодишна соработка, поддршка и несебична професионална работа во развојот на паркинг-индустријата. Конференцијата беше и повод за одбележување на два значајни јубилеја – 55 години од работењето на Паркинг сервис Белград и 25 години од постоењето на Здружението на паркиралишта на Србија.

Во своето обраќање, Герасимовски истакна дека градовите во регионот се соочуваат со слични предизвици и дека размената на искуства може да помогне во наоѓањето подобри решенија.

„Бројот на возила постојано расте, а расположливиот простор е сè помал. Од нас се очекува да најдеме решенија кои ќе бидат функционални, правични и долгорочно одржливи“, истакна Герасимовски.

Тој посочи дека Општина Центар, заедно со ПОЦ, работи на унапредување на системот за паркирање, со приоритет на потребите на жителите и развој на дигитални услуги што им го олеснуваат секојдневието на граѓаните. Притоа нагласи дека, покрај технологијата, за добри резултати се потребни јасни правила, добра организација и разбирање на потребите на граѓаните.

Герасимовски им ги честиташе јубилеите на домаќините и се заблагодари за поканата и гостопримството, изразувајќи уверување дека соработката меѓу општините и јавните претпријатија ќе продолжи и во иднина.