[ВИДЕО] „Брука“: Автобуси од Македонија тргнале на митинг на Вучиќ во Ниш, патниците снимени како уринираат покрај автопат

Точка

22/10/2026

14:18

236

Големина на фонт

а а а

Видео од автобуси со македонски регистарски таблички, за кои се тврди дека превезувале поддржувачи на српскиот претседател Александар Вучиќ на предизборен митинг во Ниш, се прошири на социјалните мрежи и предизвика бројни реакции.

На снимката се гледаат автобуси запрени покрај автопат, додека дел од патниците излегуваат и застануваат покрај патот за да уринираат. Жената што го снима настанот реагира со зборовите: „Кои се овие луѓе, што е ова? Брука“.

Видеото на платформата Х е споделено со натписот „Стижу ‘Нишлије’ из Македоније“, со што се алудира на наводното пристигнување на поддржувачи од Македонија во Ниш.

Автобуси од Македонија меѓу возилата што пристигнале во Ниш

Предизборниот митинг на коалицијата околу Српската напредна партија (СНС), под мотото „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, се одржа на плоштадот „Крал Милан“ во Ниш. Пристигнувањето на голем број автобуси од различни делови на Србија и, според медиумските извештаи, од Македонија, предизвикало сообраќаен метеж и блокади во центарот на градот.

Српскиот портал „Решетка“ објави дека во Ниш пристигнале стотици автобуси, меѓу кои имало и возила од Македонија. Поддржувачи на собирот, според извештаите, пристигнале и од Лесковац, Врање, Пирот, Прокупље и Лазаревац.

На митингот говореле поранешниот српски претседател Томислав Николиќ и претседателот на Република Српска, Милорад Додик.


Пријави за безбедносни мерки околу митингот

Во извештаите за настанот се појавија и информации дека на жителите што живеат во близина на местото на одржување на митингот им било советувано да ги спуштат ролетните и да не излегуваат на прозорците и терасите.

Според телевизијата Н1, полицијата ги предупредувала станарите дека треба да ги почитуваат овие мерки од безбедносни причини. Овие наводи, сепак, не биле независно потврдени.

Во меѓувреме, Народното движење на Србија (НПС) во Ниш побарало целосна документација за организацијата на митингот и за користењето на јавните ресурси. Од движењето изразиле сомнеж дека за настанот незаконски биле користени јавни површини и ресурси на комуналните претпријатија, најавувајќи дека ќе бараат одговорност од надлежните градски функционери.