Од недопрените предели на Македонија, со новата берба на маслинки, Терзели ја продолжува приказната за посветеност, иновации и развој на македонското земјоделство.
Произведено во Валандовскиот регион, Терзели е ултра-премиум екстра девствено маслиново масло, создадено со верба во потенцијалот на македонското поднебје и амбиција за квалитет што ќе биде препознаен на светско ниво.

Зад производството стојат значајни инвестиции во современа технологија, специјализирана механизација за берба и преработка на маслинките, како и обуки и соработка со стручни лица. Благодарение на овој пристап, времето од бербата до преработката се брои во минути, со што се создаваат услови за подобро зачувување на природните својства на плодот. Секој чекор е внимателно осмислен и контролиран, со цел да се постигне највисок можен квалитет на финалниот производ. За Терзели, врвното маслиново масло не е резултат на еден процес, туку на прецизност, знаење и посветеност во секоја фаза од неговото создавање.

„Убедени сме дека иднината на македонското земјоделство лежи во создавање на производи со додадена вредност, кои ќе го надминат примарното производство и ќе го позиционираат македонскиот квалитет на светскиот пазар. Само преку ваков пристап можеме да изградиме одржлива приказна за македонското земјоделство и да создадеме производи по кои Македонија ќе биде препознатлива во светот.

Токму од оваа визија произлезе идејата за Терзели — проект кој започна како хоби, но со текот на времето прерасна во вистинска пасија и страст. Во него вложивме многу повеќе отколку што еден бренд во категоријата маслиново масло може да очекува да поврати на краток рок, но веруваме дека на долг рок овие инвестиции ќе ја покажат својата вистинска вредност. Веруваме во потенцијалот на македонската клима и во можноста Македонија да стане препознатлива по производството на ултра-премиум маслинови масла“, изјави Милан Ивановски, сопственик на Биоботаника.

Маслото се добива со екстракција на температура под 28°C, со цел да се зачуваат неговите природни својства и арома. Резултатот е масло со свежи зелени ароми, ноти на зелена маслинка и свежо косена трева, како и избалансиран вкус во кој се преплетуваат овошноста, горчината и пикантноста.
Со новата берба, Терзели продолжува да ја развива својата визија за македонско премиум маслиново масло, создадено со почит кон природата, вложување во современа технологија, стручност и непоколеблива посветеност на квалитетот. Со амбиција да му обезбеди на македонскиот производ заслужено место на домашната и меѓународната гастрономска сцена, Терзели покажува дека врвниот квалитет може да носи автентичен македонски потпис.



















