[ВИДЕО] Тренчевска: Од Нова година следува нов ценовен удар

Макфакс

22/10/2026

11:20

174

Големина на фонт

а а а

Јована Тренчевска предупреди на најавен нов бран поскапувања во Македонија од Нова година, кој ќе го удри семејниот буџет со повисоки сметки за струја и парно, додека работниците се соочуваат со ниски плати и зголемена сиромаштија.

Се најавува нов бран поскапувања и нов удар врз семејните буџети со повисоки сметки за струја и парно од Нова година, изјави Јована Тренчевска, потпретседателка на СДСМ.

„МЕПСО бара зголемување на тарифата за пренос на струјата од јануари 2027 година, се споменува и новото поскапување на парното, трето по ред годинава. Трошоците за живот од јануари до сега се зголемени за 4.000 денари“, рече таа.

Додаде дека вкупната потрошувачката кошничка во октомври надминала 70.000 денари, а со кирија достигнала над 90.000 денари.

„Ниту три плати не се доволни да се покријат основните животни трошоци. Работниците во Македонија едвај врзуваат крај со крај, со најниски плати во Европа. Од вкупно 540.000 вработени, околу 180.000 работници земаат плати помали од 31.200 денари месечно. Минималната плата не мрда од 26 илјади денари. 33% од работниците во Македонија земаат плата под прагот на сиромаштијата. Граѓаните имаат крпен живот – одат на работа, вложуваат труд, а се повеќе осиромашуваат. До ова дно ги донесе Мицкоски. Одби да ја покачи минималната плата на 600 евра. Ја одби секоја мерка на СДСМ за да им помогне на граѓаните да се справат со овие ценовни шокови“, рече Тренчевска.

Обвини дека наместо да ги зголеми платите, како што рече, арамијата Мицкоски размислува за увоз на економски работници како евтина работна сила.

„Николовски вели 50.000 економски работници, а Мицкоски зголемува на над 100.000. Ова е смислена политика, ова е одлука. И во новиот ребаланс нема повисока минимална плата, нема 600 евра за работниците, нема мерки, нема помош за земјоделците. Има долгови, високи камати, а сметката ќе ја плаќаат граѓаните и идните генерации“, рече Тренчевска.