Манчестер Јунајтед се чинеше дека направи чекор во вистински правец на гостувањето на „Еланд Роуд“ каде одигра навистина сериозен натпревар против Лидс Јунајтед, но се она што изгледаше добро на тој натпревар, експресно пропадна во вода неколку дена подоцна.
Тимот на Мајкл Карик се посрамоти на гостувањето кај дебитантот во Лигата на шампиони и загуби со убедливи 4:1 кај Комо, а за бламажата да биде уште поголема, капитенот на Манчестер Јунајтед испрати „отровни стрели“ кон својот менаџер.
Тензијата која ја направи Лисандро Мартинез со своето бурно интервју по поразот од Атлетико сега доби свое продолжение, и тоа од вистинскиот лидер на тимот кој заклучи дека стручниот штаб одредил погрешна тактика за гостувањето кај Комо.
Португалецот јавно ја доведе во прашање стратегијата на Карик и неговите помошници, нагласувајќи дека тимот бил премногу пасивен на теренот, особено во пресинг играта. Бруно смета дека одлуката да се избегнува цврст и висок пресинг „човек на човек“ брутално им се одбил од глава, бидејќи на тој начин му дозволиле на Комо да има многу простор во средниот ред и да прави што сака со топката.
– Одлуката на стручниот штаб беше да не се врши пресинг „човек на човек“, се со цел да не оставаме простор зад својот грб. Но, кога оставате многу простор и препуштате посед на вакви тимови, тие само добиваат самодоверба, – изјави Фернандеш, кој беше директно запрашан дали оваа критика се однесува за погрешната таткика на Карик.
– Менаџерот и стручниот штаб треба да дадат одговор на тоа, а не јас. Понекогаш треба да сте похрабри кога играте под притисок, треба да преземете повеќе ризици со играње на висок пресинг. Сметам дека така ги ставате противниците во понепријатна ситуација, а ние не го правевме тоа, – изјави Бруно, по што доби краток одговор од менаџерот на прес-конференцијата.
– Без разлика на тоа каков систем или каква тактика применувате, ако не трчате, не правите ништо. Ако не трчате ниту напред, ниту назад – едноставно нема да победите. Тоа ни се случи нам, – изјави Карик кој веднаш по последниот судиски свиреж замина на гостинската трибина за да им се извинува на навивачите на Манчестер Јунајтед.











