[ВИДЕО/ФОТО] Голем напад со дронови врз Русија: Експлозии во близина на објект недалеку од Москва

Макфакс

22/10/2026

12:08

232

Големина на фонт

а а а

Во голем напад со беспилотни летала врз Русија, најмалку 630 дронови беа испратени кон Москва, при што според градоначалникот, руската противвоздушна одбрана успеала да собори 163 од нив. Нападот предизвика експлозии и пожари во близина на воен објект и оштетувања на станбени згради во неколку региони, при што се пријавени повредени лица.

Русија во текот на ноќта беше цел на голем напад со беспилотни летала; една од можните цели бил воен објект во близина на Москва, каде што се врши поправка на руските системи за противвоздушна одбрана.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, тврди дека дури 630 дронови се упатиле кон московскиот регион, почнувајќи од средата навечер. Руските власти известија за повредени лица и оштетувања на станбени објекти во неколку региони.

Според Собјанин, руската противвоздушна одбрана соборила 163 беспилотни летала на приодите кон Москва, додека поголемиот дел од останатите биле пресретнати на поголема оддалеченост.

Две лица се повредени во близина на населбата Вороново и им била укажана медицинска помош, изјави градоначалникот на Москва. Неговите тврдења за бројот на беспилотни летала сè уште не се независно потврдени.

Експлозија и пожар во воен објект во близина на Москва?

Независниот руски медиум „Астра“ анализираше снимки кои укажуваат на можен напад врз 75-тиот арсенал – воен објект во градот Серпухов, јужно од Москва.

На снимките, кои ги објавија очевидци, наводно се гледаат експлозија и пожар во кругот на објектот.

Во локалните онлајн групи, жителите исто така тврдеа дека најмалку три проектили ја погодиле областа. Оваа информација сè уште не е независно потврдена.

Официјално не е потврдено дали е погоден самиот воен објект, ниту пак е утврден обемот на евентуалната штета.

Во Липецк погодени станбена зграда и поликлиника

Во текот на ноќта беа пријавени напади и во регионите Липецк, Тула и Воронеж. Гувернерот на Липецката област, Игор Артамонов, соопшти дека е повреден маж роден 2001 година.

Оштетени се прозорци и фасади на неколку приватни куќи и станбени згради, а штета е пријавена и во Поликлиниката бр. 7. Во оваа здравствена установа нема повредени лица.

Врз основа на анализа на снимки од очевидци, „Астра“ утврди дека беспилотно летало удрило во станбениот комплекс „Атмосфера“ во Липецк, предизвикувајќи пожар на горните катови.

Локалните медиуми објавија дека повредениот маж се наоѓал во близина на зградата кога бил погоден од остатоци од беспилотното летало.