Министерот Тимчо Муцунски на маргините на Самитот на лидерите на Берлинскиот процес во Црна Гора се сретна со министерот за Европа на Франција, Бенжамин Хадад, за да разговараат за билатералната соработка и европската перспектива на Македонија.
На маргините на Самитот на лидерите на Берлинскиот процес, што се одржува во Црна Гора, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со министерот за Европа на Франција, Бенжамин Хадад.
Во фокусот на разговорите беа билатералната соработка, европската перспектива на нашата земја и поддршката од Франција на нашиот европски пат, извести Министерството.
Министерот Муцунски ја истакна цврстата посветеност на Владата на реформските процеси и полноправното членство во Европската Унија, како и потребата од забрзување на процесот на европска интеграција.
На средбата беа разменети мислења и за актуелните регионални случувања и за улогата на нашата земја како одговорен и конструктивен партнер во регионот и пошироко во Европа, се додава во соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.








