Португалскиот ас Кристијано Роналдо (41) повторно се најде на врвот на листата на „Forbes“ со најплатените фудбалери во светот, задржувајќи ја првата позиција четврта година по ред со проценета заработка од 267 милиони евра за сезоната 2026/2027. Тоа е повеќе од двојно во споредба со второпласираниот Лионел Меси, чија заработка се проценува на 129,1 милион евра.
Анализата на „Forbes“ покажува дека ветеранот на Ал Наср само од договорот со саудискиот клуб добива околу 222,8 милиони евра, додека деловните потфати и спонзорите му носат уште 44,6 милиони.

Кај Меси ситуацијата е поинаква – аргентинската ѕвезда во Интер Мајами заработува 62,4 милиони евра од договорот, додека спонзорските договори и маркетиншките права му носат 66,8 милиони евра. Двајцата неприкосновени ривали ги заземаат првите две позиции на листата на „Forbes“ по 12-ти пат во последните 13 години и заедно остваруваат речиси половина од вкупните приходи на десетте најплатени фудбалери, кои изнесуваат околу 839 милиони евра.

На третото место е Килијан Мбапе со 89 милиони евра, додека првата петорка ја комплетираат Ерлинг Халанд со 75,7 милиони евра и Винисиус Жуниор со 67,7 милиони евра. Особено внимание привлече 19-годишниот Ламин Јамал, кој се пласираше на високото шесто место со приход од 49 милиони евра, оставајќи зад себе имиња како Садио Мане, Џуд Белингам, Хари Кејн и Мохамед Салах. Пресметаните износи претставуваат процени на бруто-заработката, пред оданочување и агенциски провизии, и ги опфаќаат клупските плати, бонусите, лиценците и приватните бизниси на играчите.









