Илјадници граѓани во Грција протестираа барајќи подобри услови во образованието и намалување на високите трошоци за живот, додека владата најавува значајни инвестиции и мерки за поддршка.
Илјадници ученици, студенти и наставници денеска излегоа на протести низ Грција, барајќи поголеми вложувања во образованието, подобри услови во училиштата и на факултетите.
Според полициските податоци, околу 10.000 лица мирно протестирале во центарот на Атина и нејзините предградија, а протести се одржале и во други грчки градови. Демонстрантите изразиле солидарност со граѓаните во Франција и други европски земји, каде што исто така се протестира поради зголемените трошоци за живот и влошените услови во образованието.
„Од Грција до Франција сакаме јавно и бесплатно образование“
Скандириале демонстрантите пред грчкиот парламент.
Поради протестите бил нарушен дел од работата на државните училишта и болниците. На демонстрациите се приклучиле и наставници од основните училишта и лекари, незадоволни од ниските плати и недостигот од кадар.
Министерски проекти и мерки
Грчката министерка за образование Софија Захараки изјавила дека ги разбира барањата на студентите и најавила проекти вредни над 733 милиони евра за изградба и проширување на студентските домови.
Грција и натаму се соочува со високи трошоци за живот, раст на кириите и цените на енергијата. Иако платите пораснале по должничката криза, куповната моќ останува меѓу најниските во Европската Унија. Просечната месечна плата изнесува околу 1.500 евра, додека сè повеќе млади не можат да си дозволат домување во градовите.
Владата на премиерот Кирјакос Мицотакис најавила дека државните субвенции и другите мерки за помош на домаќинствата и компаниите поради високите цени на енергијата ќе достигнат околу една милијарда евра.












