Македонската ракометна репрезентација ќе има две обврски за време на ЕХФ неделата која е закажана за стартот на месец ноември, а селекторот Кирил Лазаров денеска го достави поширокиот список на кој се најдоа 35 имиња.
Предводникот на националниот тим сигурно ќе прави рез во периодот кој следи, но главна вест во овој инцијален список е повикот на национализираниот „бомбардер“ од Украина.
Дмитро Хориха минатата седмица беше најавен како ракометар кој добива дозвола да настапува за Македонија, а Лазаров го повика за двата натпревари кои следат во ЕХФ неделата.
Македонија на 4-ти ноември ќе игра против Луксембург на домашен терен, а четири дена подоцна не чека натпревар на гости во Грција.
Хориха треба да биде големо засилување за македонскиот национален тим, не само поради „бомбата“ која ја има во раце, туку и поради борбата која ја нуди во двата правци.









