Потрага по исчезнатото лице крај Вардар во Гостиварско, активирани тимови на ДЗС

Макфакс

21/10/2026

14:08

220

Големина на фонт

а а а

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) соопшти дека се активирани тимови на терен за пронаоѓање на исчезнато лице, за кое постојат индиции дека е видено кај реката Вардар на подрачје на Гостивар, по официјално барање на Полициската станица (ПС) Гостивар.

„На терен, на лице место, заедно со тимовите е и заменикот директор на ДЗС, Кашмир Салиу.

Во акцијата за пребарување и спасување се вклучени конкретно припадници на Тимот за брз одговор (ТБО) за спасување на води на ДЗС, со соодветна логистика од Подрачното одделение на ДЗС – Гостивар.

Екипите, заедно со заменикот-директорот работат во тесна координација со полициските службеници од ОВР Гостивар и локалните служби, со цел што побрзо лоцирање на лицето. Пребарувањето се одвива интензивно по текот на реката Вардар, почнувајќи од критичните точки во градот па сè до низводните подрачја“, се истакнува во информацијата.

И покрај моменталните услови на теренот и спецификите на речното корито, екипите на ДЗС, додаваат од таму, ќе бидат ангажирани сè додека не се заврши целосната операција.

ДЗС апелира до граѓаните на Гостивар и околните населени места, доколку располагаат со какви било информации поврзани со исчезнатото лице или забележат нешто долж речното корито, веднаш да пријават на дежурните броеви во полицијата или до надлежните служби за заштита и спасување, а и на 112 на ЦУК.