Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје реагира дека градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес најавува мерки за справување со дивите депонии, иако во декември минатата година советничкото мнозинство предводено од ДПМНЕ го одбило предлогот на Левица за воведување дигитална платформа за нивно пријавување.
Од Левица – Град Скопје потсетуваат дека при носењето на Буџетот на Град Скопје за 2026 година, нивната советничка група поднела амандман за воспоставување дигитална платформа преку која граѓаните ќе можат да пријавуваат диви депонии. Според партијата, предлогот бил одбиен од мнозинството предводено од ДПМНЕ, заедно со советниците од ВРЕДИ и ЗНАМ.
Во нивната реакција, Левица посочува дека Ѓорѓиевски сега најавува мерки за решавање на проблемот, иако претходно не го поддржал нивниот предлог за дигитална алатка што би им овозможила на граѓаните полесно да ги пријавуваат дивите депонии.
„Кога предлогот доаѓа од Левица, се одбива. Кога истата идеја треба да се претстави како сопствена иницијатива, се најавува како решение“, наведуваат од Левица – Град Скопје.
Од партијата сметаат дека „односот на градската власт кон предлозите на опозицијата е арогантен, особено кога станува збор за мерки насочени кон решавање на комуналните проблеми со кои се соочуваат скопјани, а во исто време градската власт бара конструктивност од страна на опозицијата“.








