Клековски: Пристигнаа сто нови возила за итната помош, значајна инвестиција во вредност од 460 милиони денари

Макфакс

20/10/2026

13:20

98

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство Сашо Клековски и премиерот Христијан Мицкоски денеска ја најавија набавката на сто нови амбулантни возила за Итната медицинска помош, со што се зајакнува возниот парк и се подобрува услугата низ целата држава. Оваа инвестиција од 460 милиони денари претставува важен чекор во реформите и модернизацијата на итната медицинска служба.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска присуствуваа на настан по повод набавените сто нови, комплетно опремени амбулантни возила за Итната медицинска помош, за потребите на јавните здравствени установи низ државата.

„Зајакнувањето на службата за итна медицинска помош е еден од приоритетите на Владата и Министерството за здравство. Обезбедувањето сто нови возила за итната помош, со кои се дополнува возниот парк и се заменуваат амортизираните возила, е значајна инвестиција во вредност од 460 милиони денари. Секое возило располага со комплетна современа медицинска опрема за интервенција, стабилизација и транспорт на пациенти. Со оваа инвестиција ги унапредуваме условите за мониторирање, стабилизација и иницијален третман на пациентот уште за време на транспортот“, истакна министерот Клековски на настанот.

„Обновата на возниот парк продолжува. Планот е возниот парк на итната помош од сегашните 140 да се зголеми на 200 возила. Веќе почнуваме разговори за набавка на уште 50 нови возила во 2027 година. Паралелно, континуирано ги следиме кадровските потреби и критичните точки во мрежата на итната помош, за ресурсите да бидат насочени таму каде што се најпотребни“, изјави Клековски.

Министерот најави и пакет реформи со кои Итната медицинска помош ќе се постави на нови основи:
ИМП како посебна установа – во тек е процесот на трансформација на итната помош во посебна служба, одделена од Здравствен дом-Скопје; воведување парамедици во тимовите на итна медицинска помош;
национален систем за тријажа, со кој ќе се изедначи постапувањето при повиците и интервенциите низ целата држава; национален диспечерски центар со утврдени клучни показатели за успешност (KPI), кои ќе овозможат мерливо и транспарентно следење на работата на службата.

Клековски го поздрави основањето на Македонската асоцијација за ургентна медицина минатата година и ја истакна поддршката од Европското здружение за ургентна медицина за реформите.

„Новите возила се важен чекор, но не се доволни сами по себе. Целта на реформите е секој граѓанин, без разлика каде живее, да добие навремена и еднаква итна медицинска грижа“, порача Клековски.

Возилата се опремени со напреден дефибрилатор/монитор со можност за пејсинг и мониторинг, кислородна и респираторна опрема за возрасни, деца и новороденчиња, автоматска носилка, хидрауличен систем за намалување на вибрациите при транспорт, интегриран систем за озонска дезинфекција, како и современи системи за активна безбедност на возилото.

Медицинскиот простор е целосно адаптиран за работа на екипите на ИМП и за транспорт и третман на пациентите, со независно греење и климатизација, вентилација, LED осветлување насочено кон пациентот, посебни места за медицинската опрема и три седишта за медицински персонал/придружба. Возилата овозможуваат ЕКГ и мониторинг ST/QT, како и следење пулс и неинвазивен крвен притисок.