Несторовски со порака до Седлоски: Ако некој се сети на мене…

Дерби

19/10/2026

14:27

157

Големина на фонт

а а а

Илија Несторовски доживува втора младост во Славен Белупо и ја воодушевува хрватската јавност со своите партии кои ги нуди од стартот на сезоната, а седумте постигнати гола на десет натпревари направија да биде доста актуелен за медиумите.

„Спорт Клуб“ му направи ексклузивно интервју на најдобриот голгетер на Славен Белупо, кој иако е во подоцна фаза од својата кариера, изгледа исклучиво хируршки добро пред голот како во најубавите времиња кога настапуавше во Серија А.

Несторгол има 36 години и единствено жали за тоа што судбината му донесе најголемо разочарување на Европското првенство на кое не настапи поради тешка повреда, но сепак во него има ронка надеж дека може повторно да биде дел од националниот тим кој веќе подолго време се мачи да постигне гол.

Во интервјуто за хрватскиот медиум, Несторовски на крајот му испрати и индиректна порака на селекторот Гоце Седлоски, јасно порачувајќи дека тој е подготвен да заигра за Македонија доколку добие повик.

– Постигнав се што сакав во кариерата, единствено нешто за што жалам е Европското првенство на кое не настапив поради тешката повреда на коленото. Но, тоа е што е. Се случи таа повреда, и такви работи се дел од фудбалот. Играв во петте најсилни лиги и таму постигнував голови – сè беше навистина одлично. Жалам за тоа Европско првенство, но можеби ќе дочекам Светско ако повторно ме повикаат во репрезентацијата. Се вратив во добра форма и во фудбалот никогаш не знаете што ве чека.

– Не губам надеж, продолжувам да тренирам, продолжувам да играм и никогаш не сум се откажал од репрезентацијата. Ако стигне повик, секогаш сум на располагање за Македонија. Да се игра за Македонија, за мојата земја е вистинска гордост. Така што, секогаш им стојам на располагање. Забележав дека во последниве години не добивав повици, но тоа воопшто не е проблем. Всушност, тоа ми дава повеќе простор да бидам со моето семејство за време на репрезентативните паузи. Но, ако по овие одлични настапи некој се сети на мене – јас сум тука, – изјави Несторовски.