МНР: Изјавите на Демерџиев и Радуков за Ива Михаилова се навреда и провокација

Макфакс

19/10/2026

14:00

88

Големина на фонт

а а а

Министерството за надворешни работи на Северна Македонија изрази незадоволство поради изјавите на бугарскиот министер за внатрешни работи и амбасадорот во врска со случајот на Ива Михаилова, оценувајќи ги како навредливи и провокативни, и потенцираше важноста од конструктивен билатерален дијалог.

Денеска, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, беше повикан претставник на Амбасадата на Република Бугарија, кој во отсуство на амбасадорот ја извршува функцијата вршител на работи.

„На средбата беше изразено незадоволство од неодамнешната изјава на министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Иван Демерџиев, во врска со случајот со Ива Михаилова, која беше оценета како навредлива и провокативна. Воедно, беше изразено незадоволство и од изјавата на амбасадорот Желјазко Радуков за бугарската телевизија БТВ, која ја оценуваме како директно мешање во внатрешните работи на нашата држава, имајќи ги предвид изнесените квалификации во однос на работата на надлежните институции“, велат од Министерството.

Од таму велат дека од македонска страна било посебно нагласено дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи – врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација.

„Во тој контекст, беше укажано дека ваквото однесување може да наметне потреба од соодветна институционална реакција согласно со одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи, која јасно ги утврдува рамките на дипломатското дејствување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата на прием. На крајот од средбата уште еднаш беше нагласена нашата посветеност на развојот на добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, при што истата посветеност и одговорност ја очекуваме и од бугарската страна“, соопштија од Министерството.

Радуков, во интервју за бугарската телевизија БТВ, изјави дека би бил исклучително изненаден доколку македонските власти не знаеле за нејзиното заминување, но нагласи дека нема информации оти тоа било однапред договорено.