Факултетот за музичка уметност слави 60 години: За роденденот ќе се обединат истакнати музички уметници

Макфакс

19/10/2026

13:10

94

Големина на фонт

а а а

Факултетот за музичка уметност во Скопје слави 60 години постоење со музичка вечер во Бар „Филхармонија“ на која ќе се обединат познати музички уметници, професори и алумни за да прослават шест децении креативност и инспирација.

По повод одбележувањето на 60-годишниот јубилеј, Факултетот за музичка уметност – Скопје, за денеска најавува музичка вечер исполнета со енергија, емоции и врвни изведби, посветена на Катедрата за популарни жанрови.

На сцената на Бар „Филхармонија“ ќе се обединат истакнати музички уметници, професори и алумни, меѓу кои Џијан Емин, Гоце Стевковски, Андријана Јаневска, Теа Трајковска, Тамара Тодевска, Лидија Кочовска, Маја Капсарова и многу други, во прослава на шест децении музичка уметност, креативност и инспирација.

Концертот ќе се одржи вечерва со почеток во 19:30 часот во Бар „Филхармонија“. Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, под покровителство на претседателката на Република Северна Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова.

„На концертната сцена ќе се обединат професори, алумни и дипломирани студенти на Факултетот, кои преку заеднички настап ќе ја претстават креативноста, енергијата и музичката разновидност на популарните жанрови, славејќи шест децении посветеност на музичката уметност и нејзиното уметничко наследство“, велат од ФМУ.