Бен Симонс си зема една година пауза за да се рехабилитира од хроничните проблеми со грбот, па кога се очекуваше негов кам-бек на терените во дресот на Сакраменто Кингс, утрово пристигна вест која е навистина разочарувачка за некогашниот талент на Филаделфија.
Првиот пик на драфтот од 2016-та година не успеа да изгради кариера каква што се очекуваше, а десет години по неговото деби во НБА лигата, сега ја претрпе и најтешката повреда во кариерата.
Иако сите во Сакраменто беа воодушевени од неговите изданија во пресезоната, денеска стана јасно дека тој воопшто нема да ја почне новата сезона, и тоа поради тешка повреда на два дена пред стартот на шампионатот.
Бен Симонс сам си нанел голема штета на неделниот тренинг кој го имале „кралевите“, а за жал лекарските прегледи и магнетната резонанца потврдиле дека станува збор за кинење на ахиловата тетива, тешка повреда која бара рехабилитација во период од една година.
– И претходно сум се соочувал со предизвици што ме ставале на тест ментално, физички и емоционално, и за секој од нив сум наоѓал начин да го надминам. Оваа повреда е само уште едно поглавје на мојот пат, а не крај на мојата приказна. Никогаш не е лесно да се биде далеку од играта што ја сакам, особено по сè што беше потребно за да се вратам овде.
– Но, ако сум научил нешто, тоа е дека проблемите не ве дефинираат – ве дефинира начинот на кој реагирате на нив. Сум паѓал и претходно, но секогаш сум наоѓал начин повторно да станам. Овој пат нема да биде поинаку, – порача Бен Симонс.








