Гаши од Рим: Силните институции се клучни за почитување на меѓународното право

Макфакс

16/10/2026

15:00

137

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, одржа говор на конференцијата во Рим, истакнувајќи ја важноста на силните институции и меѓународното право за зачувување на мирот и стабилноста, како и улогата на парламентите во справување со современите кризи.

На конференцијата на претседатели на парламенти и на генерални секретари на земјите членки на Советот на Европа

На конференцијата на претседатели на парламенти и на генерални секретари на земјите членки на Советот на Европа, која на 15 и 16 октомври 2026 година се одржува во Рим, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши се обрати на тема „Обновување на меѓународниот поредок заснован на правила: улогата на парламентите во справувањето и одговарањето на современите кризи“.

Говорот на претседателот Гаши

Во својот говор пред колегите, претседателот Гаши нагласи дека во услови на зголемена неизвесност и сложени геополитички, безбедносни и економски предизвици, меѓународното право претставува клучен предуслов за зачувување на мирот и стабилноста, заштита на суверенитетот и правата на државите и воспоставување јасни правила во меѓународните односи. Притоа, ја истакна потребата од силни институции што ќе обезбедат доследна примена на овие правила, посочувајќи ја улогата на парламентите во демократскиот надзор, легитимирањето на меѓународните обврски и поттикнувањето на дијалогот и соработката.

Улогата на Советот на Европа

Осврнувајќи се на улогата на Советот на Европа, тој го истакна придонесот на Организацијата во унапредувањето на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Нагласи и дека парламентарната дипломатија е важен инструмент за зајакнување на меѓусебната доверба, продлабочување на меѓупарламентарниот дијалог и развивање долгорочни партнерства засновани на соработка и почитување.

Регионална соработка и заклучок

Во контекст на современите предизвици, претстедателот Гаши ја потенцираше важноста и на регионалната соработка и координираните активности за зајакнување на колективната отпорност и справување со заедничките безбедносни, економски и социјални предизвици. На крајот заклучи дека преку отворен дијалог, размена на искуства и меѓусебна поддршка, парламентите можат да придонесат кон траен мир, стабилност и одржлив развој, во интерес на граѓаните.