Денес „Тоше, те сакаме сите“ – музички настан од отворен карактер на кој се поканети сите граѓани

Макфакс

16/10/2026

09:40

152

Големина на фонт

а а а

Денес во Ново Лисиче ќе се одржи музичкиот настан "Тоше, те сакаме сите" посветен на хуманоста и споменот на Тоше Проески, каде сите граѓани се поканети преку музика и заедништво да оддадат почит на големиот пејач.

Денес, 16 октомври 2026 година со почеток во 16:00 часот, на улицата „Тоше Проески“ во Ново Лисиче ќе се одржи настанот „Тоше, те сакаме сите“, посветен на музиката, хуманоста и споменот на Тоше Проески. ООУ „Лазо Ангеловски“, наставниците и родителите ги повикуваат граѓаните заедно да ја одбележат 19-годишнината од неговото заминување.

Настанот е од отворен карактер и сите се поканети. Поканата е упатена до сите почитувачи на Тоше, до семејствата, младите и граѓаните од цело Скопје кои сакаат преку музика и заедништво да му оддадат почит на човекот што остави неизбришлива трага во нашите срца.

Под пораката „Добрината не престанува – таа расте“, програмата ќе обедини ученици, музичари и граѓани. Програмата опфаќа повеќе активности како отворање на новото хортикултурно катче уредено од родителите, пораки од децата и др. Ќе настапат хорот и оркестарот на ООУ „Лазо Ангеловски“, како и Next Time, Ламбе Алабакоски, Владимир Поповски, Тамара Волчевска, Мими Јовановска, Бојана Арсовска, The Crew, Дамјан Димевски и Ангела Влинтовска.

Дел од музичката програма ќе бидат и талентите Јосиф Коштримовски, Михаил Милошевски, Билјана Ивановска, Андреј Цаневски, Нела Манчевска, Лара Митевска, Бјанка Цорциана Дуца и Агнеса Русомаровска, Софија Недановска и други, кои со своите настапи ќе придонесат кон одбележувањето.

Настанот се реализира со поддршка од Општина Аеродром, Универзална сала и Lions in Move, а во реализацијата помагаат и Baking Bread, Местенце, и Лапетит.

Организаторите упатуваат благодарност до сите изведувачи, ученици, родители, наставници и помагатели што придонесуваат за овој настан.