Македонија и Кина разговараат за поголем извоз на земјоделски производи, во фокусот македонското вино

Макфакс

14/10/2026

17:18

173

Големина на фонт

а а а

Министерот Борче Серафимовски и кинеската амбасадорка Џијанг Сјаојан разговараа за унапредување на трговијата со земјоделски производи, со посебен акцент на пласманот на македонското вино на кинескиот пазар и можностите за соработка во модерни земјоделски техники.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски оствари работна средба со амбасадорката на Народна Република Кина, Џијанг Сјаојан, на која се разговараше за можностите за унапредување на трговијата со земјоделски и прехранбени производи, како и за размена на знаење и искуства во земјоделството.

Во делот на трговската размена, посебно внимание беше посветено на можностите за пласман на македонското вино на кинескиот пазар. Органското производство беше издвоено како дополнителен сегмент со потенцијал за воспоставување нови деловни врски меѓу производителите и компаниите од двете земји.

Соговорниците ги разгледаа можностите за соработка во примената на напредни земјоделски техники, паметното производство и користењето обновливи извори на енергија во земјоделските стопанства, со цел подобрување на продуктивноста и поефикасно користење на природните ресурси.

„Модерното земјоделство го гледам како спој на образованието, науката и земјоделската практика. Научните достигнувања ја добиваат својата вистинска вредност кога производителот може да ги примени и да ги почувствува придобивките во својата работа. Во таа насока гледаме простор за продлабочување на соработката со Кина и за споделување знаење приспособено на потребите на нашите земјоделци“, истакна министерот Борче Серафимовски.