Министерот за здравство Сашо Клековски го посети новоотворениот мултидисциплинарен кабинет за дојка во Клиничката болница Штип, каде што се воведуваат нови услуги кои имаат за цел побрз и поквалитетен одговор за пациентките со болести на дојката.
Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска го посети мултидисциплинарниот кабинет за дојка во рамки на Клиничката болница – Штип.
Клековски при посетата рече дека речиси илјада жени годишно заболуваат од оваа болест.
-Во месецот во кој се обидуваме да ја подигнеме свесноста за борба против ракот на дојката, еден од најчестите канцери, речиси илјада жени годишно добиваат рак на дојка и тоа претставува значаен здравствен проблем за жените и за општеството. Меѓутоа, тука сум да ги видам и новите услуги кои се воведени во клиничката болница, новата лабораторија, новиот сет на услуги, а веќе наредната недела ќе најавиме и нови услуги на одделот за неврологија. Целта ни е на таа нова зграда што ќе се гради да почнеме да ѝ даваме содржина бидејќи здравството не го чинат зградите, го чинат луѓето и нивната работа – истакна Клековски.
Целта на мултидисциплинарниот кабинет
Целта на мултидисциплинарниот кабинет за дојка е подобра координација меѓу специјалистите, за побрз и поквалитетен одговор на потребите на пациентките со болести на дојката.
Мамографии и нов мамограф
За овој месец е предвидено да се направат дополнителни 180 мамографии за време на викендите — за пократка листа и пократко чекање.
Во Клиничката болница Штип се очекува и нов, современ мамограф — за поквалитетна услуга за пациентките од источниот дел на земјата.








