ЕУ одобри 168 милиони евра за производство на муниција, експлозиви и делови за ракети и дронови

Макфакс

14/10/2026

15:20

156

Големина на фонт

а а а

Европската комисија одобри финансиска поддршка од над 168 милиони евра за осум проекти кои ќе ги зголемат капацитетите за производство на муниција, експлозиви и делови за ракети и дронови во Европа, со цел да се намали зависноста од странски добавувачи и да се зајакне одбранбената индустрија.

Европската комисија одобри 168,2 милиони евра за осум проекти со кои се планира зголемување на европското производство на муниција, експлозиви и компоненти за ракети и дронови. Се очекува проектите да поттикнат вкупно 1,26 милијарди евра индустриски инвестиции, со цел забрзување на производството на воена опрема и намалување на зависноста од добавувачи надвор од Европа.

Проектите ќе опфатат 17 производствени погони во 14 земји членки на ЕУ и Норвешка, соопшти Европската комисија. Производството во новите и проширените капацитети се очекува да почне во текот на 2027 година, а времетраењето на одредени производствени процеси би можело да се скрати за дури 90 проценти.

Според плановите, новите капацитети треба да овозможат годишно производство на 60 милиони парчиња муниција, повеќе од 20.000 тони експлозивни и погонски материјали, 3.500 погонски системи за дронови и ракети, како и 200.000 боеви глави за дронови-камикази. Станува збор за планирани, а не за веќе произведени количества.

Инвестициите се дел од пошироките напори на ЕУ за зајакнување на одбранбената индустрија по руската инвазија врз Украина. Дел од средствата ќе бидат насочени и кон заштита на фабриките од физички и кибернетички напади.

За финансирањето биле поднесени 83 проектни предлози од 23 земји членки на ЕУ и Норвешка, од кои биле избрани осум.

Средствата се доделуваат преку Програмата за европската одбранбена индустрија (EDIP), вредна 1,5 милијарди евра, од кои повеќе од 700 милиони се наменети за зголемување на индустриските капацитети во ЕУ, Норвешка и Украина.