Интер го загуби и вториот сезонски меч во Лигата на шампионите, пораз кој е неочекуван затоа што истиот дојде од Клуб Бриж и тоа на „Џузепе Маеца“ во Милано.
Италијанскиот првак прими дури четири гола (4-3), а кога е така особено на домашен терен тогаш е навистина тешко да се дојде до позитивен резултат, па макар и бод. Со ова само продолжи лошата серија на „нероаурите“ во елитното натпреварување каде имаат седум порази на последните осум натпревари, учинок кој е лош и разочарувачки.
-Беше добро прво полувреме од двата тима, со интензитет, но примивме гол на контранапад од наш корнер. каде што можевме да бидеме поорганизирани. Успеавме да израмниме пред паузата и добро го започнавме и второто полувреме, имавме две големи шанси за гол кои не ги искористивме, па се појави малку фрустрација, станавме френетични, ја изгубивме рамнотежата, а потоа од 2-1 сè тргна наопаку. Немавме смирени глави за да го одржиме планот на играта. Клуб Бриж исто така заслужува пофалби за нивниот технички квалитет, интензитет и решителност, што ни предизвика вистински проблеми., -истакна тренерот Кристијан Киву.
Уште една работа која е загрижувачка за Интер се бројот на примени голови, но и проблемите кои се повторуваат во ЛШ и носат лоши резултати.
-Не би можел да кажам дека не е загрижувачки, очигледно имаме работи што треба да ги преиспитаме. Особено е тешко да се вратите во Лигата на шампионите поради квалитетот на противникот, но мора да се фокусираме на нашата рамнотежа, дуелите, вторите топки, одржувањето на формат.
-Добро сме свесни што не функционира во Лигата на шампионите и ќе се обидеме да ја промениме нашата ментална подготовка. Морам да бидам првиот што ќе ја преземе одговорноста, бидејќи можеби не можам да го најдам вистинскиот баланс во одредени типови натпревари.
-Исто така, мора да ја задржиме вербата, бидејќи има уште шест натпревари до крајот. Вистина е дека овие два порази ги нарушија нашите очекувања за Лигата на шампионите, особено со начинот на кој ја завршивме минатата сезона во ова натпреварување.Има многу работа што треба да се направи тактички, каде што јас сум одговорен, но исто така и ментално треба да го најдеме вистинскиот баланс за да им пристапиме на овие натпревари. Во Лигата на шампионите има различен интензитет и квалитет во споредба со Серија А, но треба да бидеме поизбалансирани, бидејќи Лигата на шампионите се одлучува целосно врз основа на детали. Потребно е трпение и не смееме да ја отфрлиме целата верба во себе, но во одредени моменти мора да земеме здив и да се вратиме во форма, -порача Романецот.
Следната средба за Интер во оваа конкуренција е против Шахтјор во Милано.












