Пред екипата на Вардар 1961 е четвртиот натпревар во групната фаза на Лигата на шампионите, соочување со Висла Плоцк, тим кој минатата седмица оствари чиста победа во Скопје со водство и доминација од почетокот до крајот.
Домаќините по повеќе критериуми важат за апсолутни фаворит, меѓутоа теренот ќе го даде победникот, а тренероот на Вардар Иван Чупиќ очекува и бара борба низ сите 60 минути.
-Секогаш кога ќе загубите натпревар, јасно е дека можете и морате да бидете подобри. Висла беше фаворит во Скопје, а ќе биде уште поголем фаворит кога ќе играме на нивниот терен. Не мислам дека пред нашите навивачи одигравме толку лошо како што можеби изгледаше поради доминацијата што ја покажа Висла.
-Го анализиравме натпреварот и сигурно има простор за подобрување во нашата игра, како во одбраната така и во нападот. Верувам дека со добра енергија и поголема самодоверба можеме да одиграме силен и квалитетен натпревар.
-Сакаме повторно да се претставиме во позитивно светло во Лигата на шампионите. Во преостанатите три натпревари, исто како и во првите три, сакаме да бидеме конкурентни и да се бориме за нашите први бодови и првата победа. Сакаме и понатаму да имаме за што да играме и да продолжиме да напредуваме. -изјави Чупиќ за официјалниот клупски сајт.
Крилото Вукашин Воркапиќ смета дека екипата мора да извлече поука од првиот натпревар и да проба да дојде до првите бодови во елитното натпреварување.
-Теоретски сè е можно, иако реално веројатно немаме многу шанси. Што се однесува до првиот натпревар, не знам дали навистина го дадовме сето она што беше во рамките на нашите можности, но тоа не беше доволно. Навистина се обидовме, но сега мораме да се прегрупираме, да извлечеме поука од грешките и да поправиме сè што може да се поправи.
-Ќе дадеме сè од себе овој натпревар да биде поинаков, да понудиме уште повеќе, да ги исправиме грешките и да ги освоиме двата бода што сите со нетрпение ги очекуваме. Единствениот начин да стигнеме до тие два бода е со вистински пристап и вистинска енергија. Тоа е суштината. Ќе дадеме сè што имаме“, изјави Воркапиќ.
Натпреварот Висла Плоцк-Вардар се игра во среда, со почеток во 20:45 часот.












