Флик ги „олади“ новинарите за две скокотливи прашања поврзани за Реал и Винисиус: Се надевам дека еден ден ќе научите…

Дерби

13/10/2026

07:59

465

Големина на фонт

а а а

Реал Мадрид подолго време врши притисок за „Негреира случајот“ и се сомнева дека Барселона и натаму добива судиска протекција во Ла Лига, а како знак на протест кон одлуките кои ги носат арбитрите на натпреварите кои ги игра „кралскиот клуб“, Жозе Мурињо не се појави на последниот прес.

Со цел да избегне жестока казна и суспензија пред „Ел Класико“, Мурињо реши да не се појави на задолжителниот прес по натпреварот со Вилјареал, сето тоа како последица на бесот кој го чувствуваше поради арбитражата на Диаз де Мера.

Целата епизода настана поради црвениот картон кој го заработи Винисиус Жуниор, а бидејќи овие две теми беа доста актуелни во јавноста, новинарите се обидоа да извлечат изјава и од Ханси Флик пред натпреварот кој го игра Барса со Галатасарај во Лигата на шампиони.

Германецот ги „олади“ претставниците на седмата сила и не даде ниту еден конкретен одговор на двете скокотливи прашања кои ги доби, првото поврзано за Реал и одлуките кои ги носи клубот во однос на неисполнување на обврските кон новинарите, а второто за Винисиус Жуниор.

– Се надевам дека еден ден ќе научите дека не одговорам на прашања поврзани за други тимови. Играме натпревар против Галатасарај, треба да покажеме почит кон овој тим. Не е време да се зборува за други тимови.

– Винисиус? Ќе добиете шанса да ме прашувате за него за две недели отсега, пред нашиот дуел на „Ел Класико“, – порача Флик.