Џерард бара драконска казна за Сити: Што е со спомените што тие ги украдоа од сите други?

Дерби

13/10/2026

06:44

610

Големина на фонт

а а а

Стивен Џерард мораше во живо да гледа како Манчестер Сити запишува втора победа во низа на „Енфилд Роуд“, а еден ден по дербито во Ливерпул легенданриот капитен се огласи за скандалот кој се провлекува во јавноста веќе некое време.

Одлуката на независниот панел дека Сити е виновен во 114 точки од 115-те обвиненија крена голема прашина во англиската јавност, па иако досега мудро молчеше, Стиви Џи сега жестоко распали по водечките луѓе на Манчестер Сити и побара најстроги казни за клубот.

– Што се однесува до мене лично, би можел да бидам засегнат на некој начин, но не би сакал поединечни играчи да мораат да ги враќаат своите медали или признанија, смсетам дека тоа не би било во ред. Но, клубот мора да биде лишен од титулите кои ги освои во тој период.

– Треба да се направи историски преседан. Без разлика дали тоа ќе значи додавање ѕвездичка покрај сите тие години во кои се остварени големи достигнувања, едноставно мора да има барем некаква ознака. Бидејќи тогаш нема да биде толку важно дали титулите се официјално одземени или не. Штом таа ѕвездичка е таму, сите знаат дека тоа се случило поради она што сите знаеме дека се случило.

– Според мене, потребна е казна што ќе има ефект и во иднина. Казни што би траеле повеќе години – тоа е моето мислење. Не велам дека тоа е нужно правилното мислење, но така се чувствувам од оваа позиција. Мислам дека нивното префрлање во Чемпионшип нема да биде фер кон екипите во Втората лига. Не сметам дека тоа е доволна казна, бидејќи тие брзо ќе се вратат. Погледнете го тој тим од вчера: можете ли да го замислите во Чемпионшип, со сета должна почит кон сите екипи кои играат таму? Не е фер кон тимовите што играат против Сити недела по недела. Не е фер ниту кон тимот што би можел да биде третиот што ќе избори пласман во елитата.

– Исто така, сметам дека треба да има забрана за трансфери. Треба да има одземање бодови во одреден временски период. И треба да ги натераат да страдаат, исто како што тие ги тераа сите други да страдаат во текот на тие девет или десет години додека го правеле тоа, – порача Џерард, кој во „Оверлап“ интервјуто беше запрашан што мисли за можноста да добие медал од Премиер лигата за сезоната 2013/14, кога Ливерпул за влакно ја загуби титулата во битка со Сити.

– За мене лично, ова не е прашање поврзано со играчите на Манчестер Сити, бидејќи сите тие се извонредни фудбалери. Тие го доживеаја тој момент и го заслужија успехот. Не сум човек што би седел овде и би рекол дека би прифатил медал од Премиер лигата, или дека го сакам оној што тие го имаат. Чувството нема да биде исто; јас сум помирен со фактот дека никогаш не ја освоив Премиер лигата.

– Мене ми е актуелно нешто друго. Слушнав многу играчи и навивачи на Сити – вклучително и познати личности што навиваат за клубот – како велат: „Не можете да ни ги одземете тие моменти“. А што е со спомените што тие ни ги одзедоа на сите нас. Не само мене и на тимот во кој играв, туку и на сите други итмови во текот на тој период од девет или десет години. Тука мислам на играчите и навивачите на Тотенхем, Манчестер Јунајтед, Евертон, па и на клубови од долниот дел од табелата и оние кои се натпреваруваа во Куповите. Поранешните и сегашните играчи, сопствениците и сите поврзани со клубот треба да размислат за спомените што можеби им ги украле на сите тие други луѓе, – додаде Џерард