Екипите на Арсими и Силекс ги поделија бодовите во вториот натпревар од саботната програма во Првата македонска фудбалска лига, но двата гола останаа во сенка на она што се случи во првиот дел, момент кој не беше воопшто пријатен за гледање.
Првото полувреме не донесе голови и беше одбележано од тешка повреда на колумбициот напаѓач Диего Контрерас кој си го дислозираше зглобот, а после овој момент, беше навистина тешко да се игра фудбал на теренот.
Непријатните сцени ги натераа актерите на двата тима да играат крајно претпазливо во преостанатите 35 минути од првиот дел, а второто започна со гол на гостите.
Кратовчани поведоа со комичен автогол на Џемаили, но веднаш потоа, Арсими се врати со голот на Ебрима Гаје кој инаку го замени на теренот тешко повредениот Контрерас.
Раните два гола во второто полувреме оставија простор за играчите да се надмудруваат до крајот на мечот, но во такви услови доминираа голманите кои ги сочуваа своите мрежи и кои беа главни виновници да не видиме трет гол на оваа средба.








