Вил Смит, пред да стане една од најголемите холивудски ѕвезди, на јавноста ѝ стана познат како дел од хип-хоп дуото Диџеј Џези Џеф и Д Фреш Принс. Музичкиот успех му ги отвори вратите кон актерската кариера, која доживеа вистински подем во 90-тите години со ситкомот „Принцот од Бел Ер“.
Во серијата, Смит глумеше фиктивна верзија од самиот себе, а дејството го следеше неговиот пат од западна Филаделфија до елитна населба во Лос Анџелес.
Серијата го претвори во глобална ѕвезда и го означи почетокот на кариера исполнета со филмски хитови. Децении откако се етаблираше во Холивуд, Смит со нов проект се враќа на своите корени и повторно ја истражува приказната за сопствениот подем, пишува „МувиВеб“.
Нова серија за музичките почетоци
Проектот го носи насловот „215“, според телефонскиот повикувачки број за Филаделфија, градот каде што сè започнало. Според „Дедлајн“, новата играна серија целосно го менува концептот на „Принцот од Бел Ер“ и нуди свеж поглед на приказната. Во фокусот се тешките почетоци на Смит, неговата музичка еволуција и динамиката во заедницата.
„Дејството следи снаодлив тинејџер-рапер, неговиот диџеј-партнер и пријателите кои им помогнале да ги остварат своите соништа“, наведува порталот.

Заедно се обидуваат да обезбедат договор со издавачка куќа, да заработат пари и да најдат излез од маалото, додека хип-хоп сцената во Филаделфија доживува подем. На тој пат се соочуваат со состаноци во дискографски куќи, тестови на лојалност кон родниот град, ненадејна слава и пријателства што ги држат заедно – или речиси ги разделуваат.
Трета серија инспирирана од животот на Смит
„215“ е третата играна серија инспирирана од животот на Смит и неговиот брз подем. Сè започна со ситкомот „Принцот од Бел Ер“, кој на „Ен-Би-Си“ се емитуваше од 1990 до 1996 година. Во текот на шест сезони и 148 епизоди, во оваа класична комедија гостуваше и Диџеј Џези Џеф во споредната улога на Џез, најдобриот пријател на Вил.
Децении подоцна, студиото на Смит, „Вестбрук Студиос“, ја модернизираше истата приказна за нова публика со серијата „Бел-Ер“.
Оваа драма, која се емитуваше од 2022 година и заврши со четвртата сезона кон крајот на 2025 година, го напушти форматот на ситком и снимената смеа за да понуди посуров приказ на патот на Смит од улиците на западна Филаделфија до луксузните вили во Бел Ер, како и на културниот шок што притоа го доживеал. „215“ се враќа на самиот почеток и се занимава со настаните што му претходеле на неговиот музички успех.
Визијата на продукциските партнери
Вил Смит е клучната личност зад проектот „215“, кој го развива директно преку својата компанија „Вестбрук Студиос“. Воедно, тоа е и првиот проект што произлегува од новото партнерство на оваа компанија со „Малар Груп“ во областа на филмот и телевизијата.
Овие две продукциски куќи заедно сакаат да ја доловат културната атмосфера на ерата што ја промени глобалната музичка сцена. Теренс Картер, претседател на телевизискиот оддел во компанија „Вестбрук Студиос“, во изјава ја објаснил креативната визија на соработката:

„Вестбрук отсекогаш бил насочен кон приказни со силни ликови, специфични светови и јасен став. Проектот ’215‘ нѝ е особено важен бидејќи се темели на подемот на Диџеј Џези Џеф и Фреш Принс и ја слави Филаделфија во клучниот период на хип-хоп сцената од доцните 80-ти и раните 90-ти години. Малар Груп го дели нашиот пристап кон раскажувањето приказни, а ова партнерство ни овозможува внимателно да градиме заеднички проекти. Почнуваме со приказна што има корени во пријателството, амбицијата и автентичноста на тоа време и место“.
Сајан Наваратнам, извршен директор на „Малар Груп“, во одделна изјава додал:
„Возбудени сме поради соработката со Вестбрук Студиос на низа филмски и телевизиски проекти што ги движат препознатлива креативна визија и исклучително раскажување приказни. ’215‘ веднаш нè привлече.
Тоа е нераскажана приказна за почетоците што стојат зад серијата со која публиката ширум светот со децении се поистоветува. Во својата суштина, тоа е приказна за двајца луѓе кои верувале еден во друг, совладале огромни пречки и изградиле нешто трајно. ’215‘ го означува почетокот на поширока соработка со Вестбрук Студиос и со нетрпение го очекуваме овој проект, како и идните приказни“.
Серијата „215“ во моментов е во фаза на развој, а информациите за актерската екипа и планираниот датум на премиера сè уште не се објавени. Иако засега се познати малку детали, проектот најавува ново поглавје во франшизата која е популарна веќе речиси четири децении.
Поврзувајќи ја комедијата „Принцот од Бел Ер“ со драмскиот тон на серијата „Бел-Ер“, „215“ го заокружува телевизискиот универзум заснован на вистинскиот живот на Смит.
Актерот наскоро ќе го гледаме и на големото платно во затворскиот трилер „Супермакс“ на студиото „Амазон Ем-Џи-Ем“.










