Актерот Џо Манганиело се присетил на периодот кога се борел со автоимуна болест и открил дека, како што тврди, неговата поранешна сопруга Софија Вергара лошо се однесувала кон него, иако неговата здравствена состојба била опасна по живот.
Во мемоарите „Бладлајнс“, Манганиело напишал дека славната актерка му се потсмевала поради неговото куче Баблс, кое го посвоил во 2019 година, во период кога, како што наведува, размислувал за самоубиство.

„Морав да се ослободам од пиштолот бидејќи постојано размислував за него, а потоа пристигна кучето. Од пациент станав оној кој се грижи за него“, рекол актерот познат по филмовите од серијалот „Magic Mike“ (Магичниот Мајк).
Во продолжение, тој навел дека Вергара одбивала да го прегрне додека бил тешко болен, дури и кога ја молел да го направи тоа, пренесе „Пипл“.
„Имав смртоносна, мистериозна болест“
Манганиело се осврнал и на тврдењата дека тој и Вергара се разделиле затоа што тој сакал деца, додека таа „не сакала да биде повозрасна мајка“. Актерот наведува дека всушност тој се откажал од таа идеја поради својата болест.
Тој објаснил дека, по неуспешните обиди за вонтелесно оплодување, тој и Вергара почнале да ја разгледуваат можноста за користење донорка на јајце-клетки. Меѓутоа, поради својата здравствена состојба, размислувал за можноста да почине и да ја остави тогашната сопруга со дете „кое биолошки не е нејзино“.

Манганиело ја напишал книгата за, како што вели, да разјасни одредени работи.
„За мене беа изнесувани и објавувани невистини“, истакнал тој.

Вергара во 2024 година изјавила дека нивното несогласување околу децата довело до развод.
„Мојот брак се распадна затоа што мојот сопруг беше помлад – тој сакаше деца, а јас не сакав да бидам повозрасна мајка. Сметам дека тоа не е фер кон детето“, изјавила актерката, која со првиот сопруг Џо Гонзалес го има синот Маноло Гонзалес Вергара.

Манганиело и претходно зборувал за својата болест и рекол дека првите здравствени проблеми ги почувствувал набргу по бракот со Вергара во 2015 година.
Првите симптоми вклучувале неподносливи болки
Тој раскажал дека првите симптоми вклучувале неподносливи болки во стомакот поради кои не можел да оди, како и осип со плускавци, главоболки, исцрпеност и крвавење од ректумот.
Во текот на следните седум години, Џо изгубил околу 27 килограми и бил подложен на бројни колоноскопии. Актерот во 2016 година имал итна операција, при што му бил отстранет дел од цревото.
„Тоа ми се случи, вистина е, а ги имам и сите лузни што го докажуваат тоа“, објаснил тој.
Актерот додал дека, откако конвенционалната медицина не му помогнала, побарал помош од шаман од Санта Моника, кој, како што тврди, го излекувал. Актерот изјавил дека за неговите здравствени проблеми биле одговорни генерациски трауми.
Манганиело вели дека денес нема симптоми и не зема лекови, по контролната операција со која повторно му бил поврзан дигестивниот тракт.

Џо истакнал и дека во последните години најголема поддршка му била свршеницата Кејтлин О’Конор, како и дека размислуваат за заеднички деца.
„Ако ми е судено. Седум години мислев дека веќе следната недела ќе бидам мртов. Светот повторно ми се отвори“, навел актерот, чии мемоари излегуваат на 13 октомври.










