Нов скандал ја тресе ФИФА: Инфантино ја прикрил аферата за да не биде исфрлена ДР Конго од Светското првенство?

Точка

08/10/2026

20:02

435

Големина на фонт

а а а

Светската фудбалска организација (ФИФА) се најде во центарот на нов скандал. Според пишувањата на угледните весници „New York Times“ и „Le Monde“, кровната куќа на фудбалот, на чело со претседателот Џани Инфантино, е обвинета дека свесно прикривала нерегуларности за да избегне Демократска Република Конго да биде исфрлена од овогодинешното Светско првенство.

Повикувајќи се на интерни документи, медиумите наведуваат дека голманот на ДР Конго, Лионел Мпаси, немал уредна документација за промена на спортското државјанство, откако претходно настапувал за младинските селекции на Франција.


Иако правниците на ФИФА разгледувале остри санкции, вклучително и потенцијална дисквалификација на оваа африканска репрезентација, раководството на организацијата одлучило да го премолчи проблемот од, како што се наведува, политички причини.

Интересно е што истрагата била отпочната по жалбата на Нигерија, која Демократска Република Конго ја совлада во дополнителните квалификации, но ФИФА ја отфрлила жалбата повикувајќи се на формалности.


Американскиот „New York Times“ истакнува дека во позадината на целата приказна стои блиското пријателство меѓу Инфантино и Верон Мосенго-Омба, актуелниот претседател на Фудбалскиот сојуз на ДР Конго. Мосенго-Омба ја подготвувал својата кандидатура токму во периодот кога траела оваа прикриена истрага.

Оваа афера доаѓа непосредно по уште една голема контроверзија на Светското првенство во САД, Мексико и Канада. Да потсетиме, ФИФА неодамна се најде на удар на критики поради укинувањето на суспензијата на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун пред натпреварот од осминафиналето против Белгија.


Сомнежите во регуларноста на тој потег дополнително ги поттикна изјавата на Доналд Трамп, кој јавно се пофали дека лично му се јавил на Инфантино и побарал поништување на црвениот картон на Балогун.

Иако ФИФА тврди дека нејзината Дисциплинска комисија носи независни одлуки, најновите документи за случајот со ДР Конго сериозно го нарушуваат кредибилитетот на таа организација.