Австралија опен веќе мораше да се огласи поради зборовите на својот нов директор Ендрју Абдо, но овојпат нема да можат да го ублажат неговиот „кикс“.
Тој на оваа позиција го замени Крег Тајли, кој со години беше заштитно лице на турнирот, но изгледа дека на новиот челник тенисот не му е посилна страна, бидејќи ги погреши имињата на најдобрите тенисери на денешницата.
За време на еден говор, Абдо го нарекол Синер „Џејкоб“ наместо Јаник, додека не бил сигурен како се презива актуелната прва тенисерка во светот, Елена Рибакина, при што ја изговарал „Робакина“.
Australian Open’s new tournament director is excited to welcome “JACOB” Sinner and “ROBAKINA” in 2027!
Via @TheFirstServeAU https://t.co/C0eEl9M2DF
— José Morgado (@josemorgado) October 8, 2026
Австралија опен мораше итно да се огласи
Абдо неодамна навести можност за укинување на мечевите на три добиени сета на грендслем-турнирите, како и промена на системот на бодување, а сè со цел поголема популаризација на овој спорт. Сепак, неговите зборови набрзо беа демантирани.
„Можеби во иднина грендслем-турнирите ќе изгледаат поинаку – без разлика дали станува збор за форматот на одредени фази од натпреварувањето или за должината на траењето на мечевите, можеби повеќе нема да се игра на три добиени сета од почеток до крај, а можеби ќе се промени и системот на бодување“, рекол човекот кој го замени Крег Тајли и додал:

„Можеби постојат различни начини да ја привлечеме и забавуваме публиката, а притоа да не ја нарушиме суштината и она што овој спорт навистина го прави посебен. Сметам дека тоа се прашања што треба да ги истражиме и дека има простор за таков развој. Ако ги прашате „пуристите“, тие ќе речат: ‘Не го чепкајте тоа’. Но, всушност... ако го погледнете спортот низ целиот свет, ќе видите дека, доколку не размислувате за тој производ на современ начин – така што ќе ги привлечете младите, едноставно ќе заостанете зад другите“, јасен е тенискиот челник.
Ова беше несмасна изјава на новиот извршен директор на првиот грендслем во сезоната, па од Австралија опен набрзо реагираа.
„Иако иновациите се дел од ДНК на овој турнир, тенисот на три добиени сета останува стандард. Наскоро ќе откриеме повеќе детали за тоа што нè очекува на Австралија опен во 2027 година“, стоело во краткото соопштение.
Абдо претходно бил извршен директор на Националната рагби лига до јули 2026 година, за во август годинава да ја преземе функцијата од Крег Тајли.









