Кристијано Роналдо се соочува со можни санкции поради напуштањето на репрезентацијата, а правен експерт открива детали за суспензијата.
Самоволното напуштање на кампот на репрезентацијата на Португалија за време на престојот во Данска кон крајот на септември би можело да го чини Кристијано Роналдо најтешката дисциплинска санкција во неговата богата кариера!

Како што пишува угледниот „A Bola“, а пренесува познатиот португалски правен експерт Гонсало Алмеида, една од најголемите ѕвезди на светскиот фудбал веќе е под автоматска превентивна суспензија.

Фудбалскиот сојуз на Португалија (ФПФ) подготвува официјална дисциплинска постапка која би можела на подолг период да го одвои капитенот од теренот.

Според член 160 од Дисциплинскиот правилник на ФПФ, неоправданото напуштање на репрезентативните должности повлекува директна забрана за настап во траење од еден до дури шест месеци, со задолжителна парична казна.

Алмеида напоменува дека правните правила се сосема јасни и дека Роналдо во овој случај практично не може да ги избегне санкциите.

– Не гледам како би можел да помине без санкција. Роналдо веќе е суспендиран кога станува збор за учеството или претставувањето на националниот тим. Следува покренување постапка од страна на Дисциплинската комисија при ФПФ, орган кој може да дејствува директно, без формална пријава, со оглед на тоа што фактите се јавно познати. Почитувајќи го принципот на процесни гаранции, Кристијано ќе биде известен за да го изнесе својот став, а потоа следува одлука за која верувам дека ќе биде донесена прилично брзо – изјави Гонсало.









