Во отсуство на Гранит Џака, селекторот Мурат Јакин во минатото ги менуваше играчите кои ја носат капитенската лента, но во овој нов циклус во Лигата на нации како најдобра опција го избра искусниот стопер на Интер, Мануел Аканџи.
Некогашниот дефанзивец на Манчестер Сити царуваше во одбраната и на четврти меч во низа одигра 90 минути, а по натпреварот кој заврши со 3:0 во корист на Швајцарија, Аканџи даде искрен коментар за играта на Македонците.
Резултатот во Луцерн беше ист како оној пред десет дена во Скопје, па иако впечатокот на теренот кој го оставивме беше подобар, мора да се нагласи дека индивидуалните грешки беа кобни по избраниците на Гоце Седлоски.
Швајцарците профитираа од трите големи грешки кои ги направија нашите репрезентативци, а анализата на Аканџи за овој натпревар одеше токму во тој тек.
– Не беше лесно да се игра на овој терен, но на крајот, Македонците беа тие кои ни помогнаа да дојдеме до победата, – заклучил Аканџи во интервјуто за „СРФ Спорт“.
– Чест е да се менува Џака, станува збор за играч кој заврши неверојатна работа во репрезентацијата. Има повеќе од 150 настапи и сите во тимот многу го сакаме. Кога ќе се врати, јасно дека тој повторно ќе ја носи капитенската лента, – завршил Аканџи.







